Електромобилност Македонија: На Скопје му се потребни автобуси на струја, а не на гас

Организацијата за електрични возила во Македонија Електромобилност Македонија реагира на набавката на автобуси на гас за Град Скопје.

„Ја осудуваме набавката на автобуси на гас за Град Скопје, затоа што свесно и со јавни средства, се игнорира фактот дека нафтените деривати се во директна врска со малигни и немалигни заболувања, а од друга страна, трошоците во вкупниот животен циклус на автобуси на гас е далеку поскап од трошоците на животниот циклус на електричните возила“, стои во реакцијата.

Според нив, електрификацијата на транспортот е трајно решение.

За електричните автобуси, инфраструктурно, ќе биде потребно да има инсталирање на јавни полначи на стратешки позиции во градот, забележуваат.

За тролејбус, инфраструктурно, ќе биде потребно инвестирање во ре-електрификација, за лесен електричен трамвај, инфраструктурно, ќе биде потребно инвестирање во ре-електрификација со мрежи во мрежи и шински линии, трафо станици, депоа, двоен колосек на клучни траси до 50 километри. Шинскиот градски електротранспорт, пак, предлагаат од организацијата, ќе се поврзе со инфраструктурата на Македонски железници.

Од Електромобилност Македонија сметаат дека на среден рок од 10 години, електричните автобуси се најсоодветно и најразумно решение за Скопје.

„Јавниот електричен транспорт во отровните зимски денови предлагаме да биде бесплатен. Очекуваме во Скопје, од пролет 2019, да се возат најмалку 20 ефтини електрични автобуси, а во пролет 2020, дополнително уште 30. Во наредните 15 години или четири градоначалнички мандати, по предложената прогресија, ЈСП би управувала со автобуски возен парк од 150 до максимум 200 електрични автобуси и/или 50 до 100 тролејбуси, единечни и/или дупли, со завршена проектна документација за лесен електричен трамвај со изградба на првите 10 километри од трасите и визија со скица за метро. Полначката инфраструктура за автобусите мора да биде таква што ќе зафаќа поширока палета на стандарди и нема да биде ограничена на еден производител“, се вели во соопштението на организацијата.