Еколошка акција за собирање пластична амбалажа во Велес

Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес, во соработка со Институтот за комуникациски студии утре во 10 часот ќе одржат еко-акции за собирање на ПЕТ амбалажа на неколку локации во центарот на Велес. Активисти на „Вила Зора“ ќе ги чистат деловите на градот каде што има поставено контејнери наменети за ПЕТ амбалажа и ќе делат платнени торби за собирање пластични шишиња на граѓаните.

Настанот има еколошка и едукативна цел. Рециклираната ПЕТ пластика се користи како суровина за правење шишиња и садови за пакување, а може да се конвертира во влакна, ткаенини, хартија за пакување, дури и за производство на автомоблиски делови. Со рециклирањето се намалуваат количините на пластика на депониите и загадувањето на почвата, подземните води и загадувањето на воздухот.

„Дали знаете дека со рециклирање на едно пластично шише се заштедува енергија за една сијалица од 60 вати да работи шест часа? Со еден тон рециклирани шишиња (20.000 шишиња) се заштедува енергија колку што трошат две лица во текот на една година (околу 5.700 киловати) и количина на вода што би ја користел еден човек за време од два месеца. Сепак, мал процент од пластиката во Македонија се рециклира. Од речиси 14.000 тони пластика што се создава годишно на пазарот, се рециклираат само 19 проценти (околу 2.600 тони)“, стои во описот на настанот.

Тој се организира како дел од кампањата за подобра животна средина #НеИгнорирај #Реагирај , финансирана од Британската амбасада во Скопје.