Една од читалниците во општината нема да бидe дислоциранa, тврди Центар

По информацијата дека читалниците „Славко Јаневски“ и „Ацо Шопов“ во општина Центар се затвораат и останува нејасна судбината на сите дела, од Фондацијата „Славко Јаневски“ велат дека градоначалникот ги убедувал дека, сепак, истоимената читалница нема да биде дислоцирана.

„Стапивме во контакт со градоначалникот Саша Богдановиќ, кој не’ убеди дека читалницата нема да биде дислоцирана. Поради настанатите околности Фондацијата реши романите што конкурираат за наградата ‘Роман на годината’ да се примаат во читалницата (‘Славко Јаневски’) од 12 до 20 часот секој работен ден, но и во Културно-информативниот центар во работно време“, вели за Радио МОФ извршниот директор на Фондацијата, Ѕведан Георгиевски.

Од Општина Центар демантираа дека ќе се затвораат читалниците кои функционираат на територија на општината.

„Поради високата кирија која општината ја плаќа за просторот, една од читалните ќе биде преместена на друго место, а другата ќе продолжи да работи во досегашните простории. Општина Центар дополнително ќе ги извести граѓаните за новата локација на читалната“, соопшти Општина Центар.

Претходно, градоначалникот Саша Богдановиќ напиша дека „дел од читалниците ќе бидат затворани, а дел ќе останат на истите локации каде што се наоѓаат и денес“, потенцирајќи дека „Општина Центар ја поддржува кулутурата, културниот развиток и читањето книги“.

Во јавноста се појавија различни реакции за читалниците во скопската централна општина. Својот револт јавно го искажа и писателот Томислав Османли, кој преку Фејсбук посака среќна нова 2019 година со порака „Убиство во домот на книгата“.

„Ете: во Македонија се затвораат читалните, а ширум се отвораат затворите. Се’ додека е така, не чудете се што животот се одвива наопаку, поради вредносите кои примитивците на власт не престануваат да ги тумбаат на глава!!! „-Е, што да се прави кога никој денес не влегува во читалните уште помалку што не плаќа за просторот на книгата?…” Да остане!!!! Тоа е нашиот паметник на отпорот, кој сега се затвора, додека оние на вмро, сосе кичот на владата остануваат нечепнати!“, стои меѓу другото во реакцијата на Османли.

Бојан Шашевски