Нејасна судбината на делата од читалниците „Славко Јаневски“ и „Ацо Шопов“

Општина Центар ги затвора читалниците „Славко Јаневски“ и „Ацо Шопов“ со фонд од околу 3.000 донирани книги затоа што нема предвидено пари за таа намена во буџетот за 2019-та. Овие читални со голем ентузијазам од општината, уметниците и читателите беа отворени во 2015-та, а зачленувањето  во истите, како и задолжувањето со книги беше бесплатно за љубителите на пишаниот збор, објави „Фактор“.

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, реагира и потенцира дека е непријатно изненадена од ненадејната вест.

Извршниот директор на „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски напоменува дека ниту во еден момент не биле консултирани при донесувањето на оваа одлука, ниту пак биле во можност да понудат евентуални решенија за да може, како што вели, да се ублажи евидентната штета што оваа одлука неминовно ја носи со себе.

„Ова го велиме затоа што читалницата ‘Славко Јаневски’ поседува квалитетен книжен фонд (а тука се наоѓаат и мошне вредни книги), скулптури и уметнички дела. Најголемиот дел од книжниот фонд и уметничките дела се приватни донации и подароци, меѓу кои најзначајна е донацијата на семејството на Славко Јаневски. Со одлуката за затворање на читалницата останува нејасна судбината на сите овие донации и вредни дела. За жал, немаме информација како ќе се постапува со нив, каде ќе завршат и дали донаторите ќе се сложат со новите решенија. Без оглед на реакциите на јавноста и нашите обиди, надлежните од Општината сѐ уште не немаат контактирано во обид да пронајдеме заедничко решение. Сепак сме во надеж дека заеднички ќе дојдеме до соодветно издржано решение, со кое ќе се минимализира штетата настаната од оваа ситуација“, соопштува Георгиевски од „Славко Јаневски“.

Од друга страна, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пак, демантира дека „читалниците кои се наоѓаат во територија на Општина Центар ќе бидат затворени“.

Според Богдановиќ, поради високите кирии кои општината ги плаќа за читалниците, станува збор за преместување на дел од читалниците на други локации, а дел ќе останат на истите локации каде што се наоѓаат и денес.

„Општина Центар ја поддржува кулутурата, културниот развиток и читањето книги како основни општествени елементи на една личност и со својата поддршка и понатаму ќе продолжи со истата динамика на стимулирање на културен и научен развој“, соопшти Богдановиќ.

Засега, останува нејасно каде, но и како би се дислоцирале дел на друго место, а дел би останале на исти локации, со оглед на тоа што Општина Центар има две читалници.

Инаку, Фондацијата „Славко Јаневски“ го организира конкурсот за престижната награда „Роман на годината“, која годинава го слави својот 20-годишен јубилеј.

Како и минатата година и годинава, според пропозициите на конкурсот, романите се доставуваа во просториите на читалницата „Славко Јаневски“. Но, поради новите околности, Фондацијата објавува дека до крајот на конкурсот (15 јануари) романите ќе се доставуваат во Културно-информативниот центар на Град Скопје (КИЦ), секој работен ден. Останатите услови од конкурсот остануваат исти.