„Еден тим за детските права“ – одбележан Светскиот ден на детето

По повод Светскиот ден на детето, УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија организираа пријателски фудбалски натпревар на кој „децата го преземаа теренот“, со повик сите да се здружат за правата на децата.

На натпреварот играа деца, професионални фудбалери од националната репрезентација, фудбалери од Специјалната Олимпијада и високи функционери.

Светскиот ден на детето се одбележува секоја година на 20 ноември и ги истакнува најважните прашања кои влијаат врз животот на децата и го поддржува учеството на децата и младите како застапници на своите сопствени права.

Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, повика да се поддржат активностите за поддршка на квалитетна здравствена грижа, квалитетно и инклузивно образование, менталното здравје и благосостојба на децата и младите, здрава животна средина и фер шанса за секое дете.

„Неодамнешна студија спроведена во С. Македонија укажува на тоа дека секој трет адолесцент се соочува со симптоми на депресија, а девојчињата се речиси шест пати позасегнати во споредба со момчињата. Стресот на училиште како и во домот, малтретирањето меѓу врсниците – и во интернет просторот и надвор од него – се само еден дел од прашањата што ја загрозуваат благосостојбата на децата. Многу влади сè уште трошат само по неколку центи по глава на жител директно за менталното здравје и помошта е несоодветна за да ги задоволи растечките потреби“, истакна ДиЏовани.

Дополнително, таа се осврна и на животната средина, велејќи дека децата и младите во С. Македонија и ширум светот бараат да се преземе акција против климатските промени.

„Децата се многу поранливи, како физички, така и психолошки, на загадениот воздух во споредба со возрасните. Скопје и другите градови во Северна Македонија често се наведуваат како градови со најзагаден воздух во светот. Треба да создадеме простор за децата и младите да бидат во средиштето на изготвувањето на климатските активности и обезбедувањето иновативни решенија за еколошките предизвици со кои се соочуваме денес“, посочи меѓудругото таа.

На настанот присуствуваа деца, наставници, министри, амбасадори, јуниорски фудбалски тимови и фудбалери од Специјалната Олимпијада. Настанот го модерираа ликовите од детската ТВ-серија,  Кика, Филип, Анастасија и Миха, кои ја претставуваа земјава на детскиот евровизиски натпревар.