Пет средношколски тима добија средства за реализирање на свои еко-идеи

Десет тима составени од педесет средношколци од Скопје, Струмица, Тетово, Валандово, Прилеп, Велес и Берово учествуваа на тридневна работилница за креативно размислување.

Работилницата беше реализирана во рамки на програмата „Апшифт“ што се спроведува со поддршка од УНИЦЕФ.

Пет најдобри тима составени од деца и млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да го реализираат своето иновативно решение за подобрување и заштита на водените ресурси во заедниците во кои живеат и да ги намалат штетните ефекти од климатските промени.

Тимот од СУГС „Браќа Миладиновци“- Скопје ќе работи на намалување на потрошувачката на питка вода за наводнување и одржување на училишниот двор и зоолошката градина преку возобновување на училишниот бунар.

Средношколците од СОУ „Орде Чопела“- Прилеп и СУГС „Владо Тасевски“- Скопје, ќе работат на собирање и искористување на дождовницата во подземни и надземни контејнери кои ќе ги користат за полевање на сопствените насади во дворовите.

Тимот од ССОУ „Коле Неделковски“ – Велес, ќе работи на спречување на губитокот на вода во градскиот водовод во Велес преку инсталација на сензори во водоводните цевки кои ќе испраќаат директни информации до ЈКП Дервен преку системот SCADA.

Средношколците од ОСЕУ „8 Септември“- Тетово, ќе работат на прочистување на водата за пиење во нивното училиште преку поставување на филтри.

Тимот од СУГС „Владо Тасевски“- Скопје и СОУ „Орде Чопела“-Прилеп, ќе работат на собирање и искористување на дождовницата во подземни и надземни контејнери кои ќе ги користат за полевање на сопствените насади во дворовите.

Во следните три месеци, тимовите ќе бидат поддржани од ментори при спроведување на нивните идеи.

Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ во земјава, посочи дека сите активности за заштита на животната средина и климата мора да се прават заедно со децата и за децата затоа што тие го носат најголемиот товар од климатските промени.

Програмата е финансирана од Шведска, а ја спроведуваат УНИЦЕФ и здружението „Леад“  во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој и со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерството за труд и социјална политика.