„Вело родео“ на Школка во Градски парк по повод Европската зелена недела

По повод одбележувањето на Европската зелена недела која ќе трае од 30 мај до 5 јуни, „Еко Логик“ организираат „Вело Родео“ настан во Скопје, каде ќе се вози велосипед, ќе има дружба, забава и едуција за животната средина и климатските промени.

Настанот ќе се одржува во недела (утре, 5 јуни) од 11 до 14 часот на Школка во скопскиот Градски парк.

„Главниот фокус на настанот ќе биде насочен кон следните активности: Вело полигон за сите деца – инклузивен полигон со техничка можност за деца со попреченост и поддршка специјални едукатори. Работилници за средношколци за М проверка на велосипед, подесување на брзини, кочници, итн. Креативни работилници за цртање за најмалите. 15 eксперименти и забавни активности кои ќе ги опфатат темите климатски промени, екосистеми, одржлив развој, биодверзитет и загадување. Едукативни и интерактивни игри (меморија, не лути се човече) приспособени за сите деца“, информираат од „Еко Логик“.

Вежбите, активностите и експериментите ќе бидат адаптирани за деца со попреченост.

Креативните работилници, активностите и експериментите за искуствено учење како и игрите ќе бидат водени од наши познати уметници, едукатори и практичари од областа на животната средина и климатските промени.

Годинешниот „Вело Родео“ се реализира во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“, спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка на Шведска.

„Со голема радост Ве очекуваме заеднички да го дадеме нашиот мал придонес во подобрување на свеста за животната средина. Напомена: Ние од тимот на Еко Логик, целосно сме посветени на координација и грижа околу активностите со децата, а во таа насока препорачуваме и апелираме секое дете да носи заштитна кацига. Доколку се случи несакано дејство при самите активности, одговорноста е на родител/старател. Се гледаме на Школка!“, се вели во најавата за настанот.