Воздухопловно-едукативен саем – „Skopje Air Fair“ утре на „Школка“

Во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“, во недела, на 13 ноември, во Градскиот Парк на „Школка“, ќе се одржи вториот по ред Воздухопловно- едукативниот саем „Skopje Air Fair“, кои цел да ги промовира а различните видови на професии во областа на воздухопловството.

Со почеток во 11 часот, на саемот учество ќе земат Агенцијата за цивилно воздухопловство, ТАВ, Воздухопловна Федерација, М-НАВ а.д. Скопје, Спортските аероклубови од земјава, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, Народна техника, Макетарски и моделарски клубови од земјава, Ад Вербум, Воздухопловната академија од Србија, Европскиот воздухопловен институт од Романија како и унгарската подружница на „Виз еир“.

„Претставници од овие институции во неформален формат пред младите ќе ги претстават можностите за стекнување квалификации доколку се одлучат за некоја од професионалните опции во областа на воздухопловството. На овој начин, имајќи можност директно да се обратат и разговараат со луѓе коие веќе се дел од воздухопловството, посетителите ќе добијат јасна претстава за насоката на нивниот кариерен развој. Немајќи формално образование во нашава земја за многу од воздухопловните професии, веруваме дека ова е начинот како младите да имаат појасна слика доколку се одлучат утре да станат и самите тие воздухопловните професионалци“, велат организаторите „Авикон“.

Оттаму додаваат дека освен за млади, Саемот е наменет и за сите љубители на воздухопловството кои се заинтересирани за меѓусебна соработка и размена на идеи и знаења од оваа област.

Организаторот „Авикон“ претставува Здружение на воздухопловни професионалци и ентузијасти, а основано е во 2020 година во Скопје со единствена цел – унапредување на воздухопловството.