„Две од оние“ – кампања и изложба посветена на сексуалните работнички

Во државата има околу 3000 до 5000 сексуални работници кои секојдневно се изложени на насилство, не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста кои би требало да ги заштитат, велат од здружението „Стар“.

Сексуалната работа во Македонија се уште е заградена со предрасуди, сметаат од здружението.

„(И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето доведоа до постепено губење на основните човекови права за сексуалните работници“, велат од „Стар“.

Поради ова, тие покренаа кампања со изложба која на креативен начин треба да го претстават истражувачкиот процес и резултатите од мапирањето на местата каде што порано се одвивала сексуалната работа, како и лицата и настаните, кои сведочат за една урбана историја на старо Скопје, којашто е сосема заборавена.

„Секој 2 јуни се одбележува Меѓународниот ден на сексуалните работници, и ние ќе го одбележиме овој ден, во име на „Две од оние“, кои треба да го нахранат своето дете, две од оние кои треба да ги платат сметките, две од оние кои живеат во сенка на предрасудите и дискриминацијата, две од оние кои имаат копнеж да ги доживеат своите права, кои требаа да бидат еднакви за сите“, велат од „Стар“.

Изложбата насловена „Две од оние“  ќе се одржи на 2 јуни, во „Акантус” од 21 часот. Автори на фотографиите се Лилика Стрезоска, Елена Фиданска, Анита Березњак и Ирена Мила. Покрај неа, ќе има и инсталации, видеа и диџеј сет со Соња Исмаил.