Дуња Иванова и Љубиша Кондев ќе возат на „4 Острови“ – една од најзначајните маунтинбајк етапни трки во светот

Велосипедистите Дуња Иванова и Љубиша Кондев во периодот од 20-ти до 24-ти април ќе посегнат во предизвикот наречен „4 Острови“ во Хрватска, кој важи за една од најзначајните маунтинбајк етапни трки во светот.

Како претставници на велосипедскиот клуб „Енерџи“ од Скопје, тие ќе учествуваат во натпреварот за лиценцирани велосипедисти на кој досега учествувале претставници од преку 33 земји од светот меѓу кои и професионалната маунтинбајк елита.

„Класифицирана како S1 категорија според Интернационалниот сојуз за велосипедисзам (UCI), претставниците на ВК Енерџи за пет денови ќе поминат околу 270 километри со вкупна елевација од 5000 метри, минувајќи низ исклучителни технички патеки, сериозни искачувања и предизвикувачки спустови низ островите Крк, Раб, Црес и Лошињ“, се наведува во соопштението.

Љубиша Кондев е актуелен и повеќегодишен државен првак во планински велосипедизам во Северна Македонија, познат по бројните титули освоени на натпреварите организирани во Словенија, Хрватска, Грција, Србија, Бугарија, Турција, Италија. Кондев е еден од првите македонци евидентиран на ранг листата на Интернационалниот сојуз за велосипедисзам (UCI) и тренер по велосипедизам  со сертификат UCI Level 2.

Дуња Иванова е актуелен државен првак на Северна Македонија во планински велосипедизам, како и во категориите друмско-ридски, хронометар и велокрос.

Во нивните подготовки за престојната трка ,,4 Острови” ќе ги води Дејан Новковски – тренер по велосипедизам.