До 2030 година од цигарите животот ќе го загубат 30 отсто повеќе луѓе

Истражување на Светската здравствена организација и американскиот Национален институт за борба против ракот покажаа  загрижувачки резултати поврзани со пушењето. Трошоците на глобалната економија ќе надминат еден билион долари годишно, а од цигарите животот ќе го загубат 30 отсто повеќе луѓе до 2030 година во споредба со досега.

„Бројот на смртни случаи, предизвикани од пушењето, се очекува да се зголеми од околу шест милиони годишно на околу осум милиони до 2030 година. Над 80 проценти од нив веројатно ќе бидат од земјите со ниски и средни доходи“, се наведува во истражувањето.

Околу 80 отсто од пушачите живеат во земјите, каде вкупниот број на пушачи во светот се зголемува. Според здравствени експерти, пушењето е причина за најголем број смртни случаи во светот, кои би можеле да се спречат.

Истражувањето, во кое учествувале околу 70 научници, покажува дека „пушењето предизвикува околу еден билион долари трошоци годишно за здравје и загуби од намалено производство“.

Меѓу евтините и ефикасни начини за намалување на пушењето се зголемување на цените и акцизите на цигарите, целосна политика на ограничување на пушењето, целосна забрана на рекламите за тутунските производи и предупредувања за опасност на кутиите.