ДИЖС: Во Карпош се подметнати пожари, кај мерната станица во Гази Баба се сушат килими и користат разни средства за греење

Во Општина Карпош во текот на вчерашниот и денешниот ден (7 и 8 септември) намерно се подметнати пожари на потегот кај пешачки мост кај ТВ Канал 5 од несовесни жители, како и палења на диви депонии на потег Бардовци Момин Поток и во Ѓорче Петров кај реката Лепенец, информира Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Според ДИЖС ова опожарување не е од објекти под надзор на Инспекторатот, туку, велат тие, се работи за несовесни индивидуалци или мали групи кои полицијата заедно со општинските служби преку Урбаните заедници треба да ги лоцира.

„Согласно Одлуката на Владата и интерниот распоред, ДИЖС утре сабота (9 септември) ќе има свои инспектори во три региони СКОПЈЕ ИСТОК-Куманово и ЗАПАД-Тетово“, велат од Инспекторатот.

Тие преку својата официјална Фејсбук-страница, која деновиве интензивно ја користат за комуникација со граѓаните, презентираат и две фотографии од мониторинг станицата за квалитет на амбиентниот воздух во Гази Баба. За станицата велат дека е „обезбедена согласно задолжение од МЖСПП со вредност од околу 100.000 евра од Макстил А.Д Скопје до која е лоцирана дивоградба која користи разни средства за греење и ја користи оградата за сушење килими и секако инструментите ќе покажуваат разни резултати“.

Фотографиите што ги објави ДИЖС

ДИЖС во соопштението потенцираа и дека информации и претставки може да се доставуваат на следните мејлови или преку фејсбук страната до l.galeva@sei.gov.mk за Скопје, v.ljateva@sei.gov.mk, за ИСТОК и b.abazi@sei.gov.mk за ЗАПАД и до В.Д директорот Мирослав Богдановски m.bogdanovski@sei.gov.mk и Дарко Блинков од Секторот за координација на работата на ДИЖС d.blinkov@sei.gov.mk.

Фиксните телефони вкупно шест од Централата во Скопје ќе бидат пуштени наредната недела, бидејќи, како што велат, биле во фаза на техничка надградба на централата.