ДИЖС ќе поднесе кривична пријава за палење трски и насипување шут во Охридското Езеро

Државниот инспекторат за животна средина во соработка со Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Струга денеска ќе поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство за палење трски и насипување шут во Охридското Езеро кај Струга, информираат оттаму.

„Во заедничка координација, во март оваа година (н.з. ДИЖС и ОВР) обезбедија докази против лице што ангажирало градежна механизација за насипување и рамнење на дел од крајбрежјето со шут и земја. На локацијата исто така беа забележани и траги од опожарена трска. Овие активности резултираат со недозволена крајбрежна трансформација и уништување на пределот“, се додава во соопштението на ДИЖС.

Оттаму додаваат дека правниот основ на тужбата е членот 230 од Кривичниот законик, односно „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“, според кој, како што велат, може да се изрече казна затвор од три месеци до три години.

Од ДИЖС порачуваат дека „нема да дозволат загадување на животната средина, особено во регион кој е впишан на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство“.

Најави за казни за палење трска и кривична пријава за насипување земја на струшкото крајбрежје