Најави за казни за палење трска и кривична пријава за насипување земја на струшкото крајбрежје

Инспектор од Државниот инспекторат за животна средина, по дојава на Министерството за внатрешни работи, на 5-ти март направи контрола на запалена трска на струшкото крајбрежје на потегот кон с. Калишта. Оваа нелегална активност на палење трски, со цел формирање плажи или платформи на крајбрежјето, е честа во март и април, велат од Инспекторатот.

„Со цел да се спречи оштетување на природното наследство – Охридското Езеро и крајбрежјето од палењето трски, Државниот инспекторат за животна средина на 12-ти март иницираше соработка со општина Струга и Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Струга. Началникот на ОВР Струга ќе ги зајакне патролите и во соработка со Државниот инспекторат за животна средина ќе се изрекуваат казни за сопствениците на парцелите што граничат со државно земјиште на кое е запалена трска“, велат од Инспекторатот.

Оттаму информираат дека од началникот добиле известување и за насипување земја на крајбрежјето и во самото езеро во близина на изгорените трски. Поради тоа, додаваат дека Државниот инспекторат ќе покрене кривична пријава против познат сторител за „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи”, врз основа на посетата на терен и документацијата од истрагата што е спроведена од страна на ОВР Струга.