Девет лица убиени на протестите во Сенегал откако опозицискиот лидер доби затворска казна

Најмалку девет лица се убиени во Сенегал во судирите меѓу полицијата и приврзаниците на опозицискиот лидер Усмане Сонко, кој доби двегодишна затворска казна.

Судирите избија по вчерашната пресуда, со која Сонко може да биде дисквалификуван од трка на претседателските избори кои треба да се одржат следната година, на кои противкандидат најверојатно ќе му биде актуелниот претседател Маки Сал.

Во главниот град Дакар на протестот беа запалени автомобили и автобуси, а пријавени биле и повеќе инциденти низ земјата, како во градот Зигуинчор, каде Сонко е градоначалник од 2022 година.

48-годишниот Сонко не беше присутен на процесот во кој беше обвинет за сексуален напад во 2021 година врз 20-годишна жена. Тој отфрли било какви прекршувања на законот, тврдејќи дека процесот против него е политички мотивиран. Судот го ослободи од обвинението за силување, но го осуди за „неморално однесување кон поединци помлади од 21 година“.

Според Министерството за правда, лидерот на опозицијата набрзо ќе биде пренесен во затвор.

Додека траеја протестите, полицијата го обезбедуваше неговиот дом во Дакар.

„Со оваа казна Сонко нема да може да биде кандидат“, вели еден од адвокатите на опозицискиот лидер.

Партијата ПАСТЕФ на Сонко пресудата ја карактеризираше како „дел од политички заговор“ и ги повика граѓаните да излезат на улиците.

Сонко, кој е поранешен државен службеник, стана познат по претседателските избори во 2019 година кога заврши на третото место по кампања во која остро го критикуваше претседателот Сал и владејачката елита во Сенегал. Според него Сал е корумпиран и посакува да биде диктатор.

Неговото првично апсење за обвинението за силување во 2021 година исто така предизвика неколкудневни насилни протести низ Сенегал во кои загинаа 12 луѓе.