„Детенце од 3 години стана луто и агресивно“ – совет од психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Здраво, имам детенце 3 години, имам проблем што во последниов период стана премногу лут и агресивен, ако нешто не му дозволиш одма почнува со викање на цел глас (личи на плачење без солзи) удирање со нозете сака да удира сè што ќе дојде пред него најчесто јас и татко му. До пред 3 недели во градинка беше супер, јадеше пиеше спиеше играше со децата, а сега веќе е сè лошо освен што јаде во градинка друго ништо не прави, седи сам, нон стоп вика ја чекам мама.. Бара причина за да плаче (пр. денес некое дете не дошло во градинка, столчето му било на друга страна ставено итн.) Кога ќе го прашаме зошто се лутиш што ти е, тој само мафта со главата лево десно и почнува уште погласно да вика. А обично секогаш има причина зашто плаче, пр. се намокрил, паднало пенкалото, или сакал благо а не сме му дале, или сакал нешто друго да јаде не сакал тоа што е поставено, но прво се изнавикува го истура бесот и откако ќе се смириме после одредено време, тогаш бара тоа што сака. Ве молам за совет, како да се постапува во вакви ситуации? И како да го научам да почне да си ги искажува проблемите? Или некое друго решение за да се поправи ова однесување?

Одговара: Сања Стефановиќ, психолог и гешталт терапевт 

Ви благодарам на прашањето, и ви честитам што како родители се заложувате да го разберете вашето дете подобро и да работите на неговиот раст и развој. Најпрвин, овој одговор би сакала да го започнам со прашање: Што се променило во вашиот живот во скорешното минато што може да претставува своевидна фрустрација за вашето дете? 

Децата добро реагираат на рутина. Одредување дневна рутина, дневна динамика според која ќе го организирате времето и до која се придржувате, носи помалку фрустрација за детето. Сите излегувања или отстапувања од рутината можат да доведат до реакција. Исто така, реакција може да се појави и кога детето нема мирна средина. Кога велам „мирна“ не нужно мислам на караници, некогаш немирот доаѓа од премногу дразби во непосредната околина или пак, неизвесност во распоредот, во тоа што следно ќе се случи. 

Дополнително, сакам со вас да споделам дека во овој развоен период, децата чувствуваат многу, за нив, големи и реални емоции за кои се уште немаат создадени механизми за нивно изразување. Нивните капацитети за препознавање и одговарање на нивниот богат внатрешен свет на оваа возраст се лимитирани. Сè ова создава фрустрација или вознемиреност, а оттаму и одредена реакција. Најчестите реакции се тантрумите. Тоа се сосема нормални реакции за кои не треба да стравувате. 

Мојот совет до вас би бил да не обрнувате многу внимание на неговите реакции, како истите несвесно не би ги охрабриле. Секако, истовремено добро е да го имате детето во вид како би се осигурале дека е безбедно, односно дека нема некако да си наштети. Останете смирени и игнорирајте. Дополнително, кога забележувате дека детето е на пат кон одредена агресивна реакција, можете да се обидете истата да ја прекинете или пренасочите со нудење на друга, заменска активност. Да го заиграте со некакви играчки кои се соодветни за негова возраст како не би предизвикале дополнителна фрустрација. Бидејќи ми носите дека вашето дете е агресивно кон вас, ве удира вас и се што е пред него, можете да го прегрнете цврсто одзади, но истовремено и нежно, и да се обидете да го седнете на подот додека оваа епизода да помине. Неговата безбедност е најважна!

Дополнително, набљудувајте дали има некаква шема кога тантрумите се појавуваат. Дали се случува во одредени интервали, одредени делови од денот, пред или по одредена активност, кога е уморен, гладен и сл. Овие увиди може да ви донесат многу податоци врз основа на кои можете да го прилагодите вашето однесување. 

Кога бурните реакции ќе престанат, можете смирено да започнете со учење на детето дека ова не е начинот на комуницирање со вас. Можете со смирен тон да му посочите дека и вие и таткото сте тука за него и да го охрабрите да се обиде со зборови да ви објасни што му се случува. Обидете се на следниот начин „ Мама и тато се тука за тебе кога ќе сакаш да ни кажеш што ти се случува. Ова не е начин да го добиеш нашето внимание, но ако сакаш да ни раскажеш, ќе те послушаме“. И најважно, навистина направете го тоа! Ислушајте го, останете со него во тој момент на нелагодност и трагање во своите мисли и зборови со кои може да ви долови и сподели. Не го прекинувајте, не му се смејте и не го поправајте. Дозволете му да ги иззоди чекорите кои сите сме ги оделе, со љубов и поддршка. 

Имајте предвид дека децата се наши огледала. Тие гледаат како ние се однесуваме и го повторуваат тоа однесување. Запрашајте се како вие (возрасните) реагирате во одредени ситуации, што е тоа што вашето дете го гледа секојдневно, дали го повишувате тонот, дали сведочи несогласување? Ние не можеме да се извадиме себеси од социјалниот контекст во кој живееме и тоа што е околу нас неминовно влијае на нас. Со прилагодување на сопствените реакции, на децата им нудиме еден поинаков модел врз кој ќе можат да ја базираат својата персона. 

Како последно, иако на моменти ова може да ви се чини како сизифовска приказна, значајно е да бидете упорни и конзистентни. Издржете! Со конзистентност, детето ќе почне да учи што е за вас прифатливо однесување и како да го користи говорот за да споделува со вас.

Сосема е нормално да сте вознемирени и загрижени, па дури и да се прашувате дали тантрумите се сигнал за нешто посериозно. Најчесто штом детето ќе научи како подобро да вербализира, комуницира и се справува, и нивната појавност и интензитет се намалува. Бидување родител е тешко и бара фокус и енергија и ве охрабрувам да истраете во овој процес на прилагодување и учење. Бидете трпеливи и имајте предвид дека секогаш можете да побарате стручна помош доколку почувствувате дека ви е потребна. Среќно! 

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.