„Немав мотив да правам ништо, ми се вртеа лоши мисли низ глава“ – прашање до психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Веќе некое време се чувствувам лошо, имав период кога не ми се излегуваше, немав мотив да правам ништо, ми се вртеа лоши мисли низ глава, почнав да ги пијам „Асентра“ по препорака од специјалист, но сè уште не се чувствувам најдобро. Што би можело да предизвика такво чувство? Како да излезам од тоа чувство и што да направам за да не се повтори?

Одговара: Ваљдете Адили Селими, гешталт терапевт 

Здраво. Мило ми е дека го притиснавте нашето копче.
Додека ги читам вашите прашања ја гледам вашата болка. Излезени сте од ситуација која не поминала без да остави трага во вашата душа. Чувствувам како вашата енергија е некако заробена негде во минатото и дека сè тоа што се случувало, сите расправии кои ги спомнувате – не сте подготвени уште да ги пуштите да одат. Тоа е најчесто така кога ние не сме го добиле тоа што ни следи како поддршка, валидација; кога нашите потреби не биле препознаени, видени и уважувани. Исто така читам колку големи промени ви се случувале за краток период. Нешто повеќе од три години се навистина кратко време за да се успее да се процесира сè што се случувало, од бременост, станувањето мајка, промена на место на живеење и сите други нешта кои се случувале измеѓу овие големи настани. Навистина се големи промени за толку краток период и треба малку време да ги почувствувате и да ги уживате. Кога ќе биде доволно безбедно би можеле да погледнете што уште останало од тие емоционални рани и полека да се затвараат со спомен како било тешко, колку бевте ранливи во текот на бременоста, а неуважени, но и со благодарност за тоа каде сте сега. Спомнавте дека дека ви е страв нештата да не се повторуваат и некако сакате да ги предвидите или да бидете подготвени како би реагирале подобро овој пат на истите. Ја слушам вашата потреба за сигурност, но кога така се поставуваме само стануваме анксиозни затоа што иднината и сигурноста не одат заедно, така само сигурно ја губиме и сегашноста која чека на вас да ја живеете и да и се радувате. Бидете тука, со свесност дека имате капацитет да се изборите за себе и за вашето семејство и да ги надминете таквите ситуации, вашата сегашност го потврдува тоа.
Убаво дека ги надминувате недоразбирањата со вашиот сопруг и тој соработува и придонесува за тоа, мило ми е и што читам дека вашиот син ви дава мотив да бидете добри, се чувствува вашата љубов тука, но убаво би било тоа да го направите и заради вас самата.

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.