„Ме обвинуваат за нивните деструктивни постапки“ – совет од психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Обвинувања дека туѓите постапки (тотално деструктивни) се резултат на проблеми предизвикани од мене и барање средства за возврат како решение на ситуацијата. Како да искомуницирам дека ивната реакција на нешто (било што) е нивен избор? Истовремено, како да им кажам дека барањето надоместок за решавање проблем не е човечно и воопшто решение на проблемите?

Одговара Марија Стојкоска Василевска, лиценциран психолог и психотерапевт

Многу ми е јасно дека ситуацијата во која се наоѓате воопшто не е лесна особено што Вие можете да согледате голем дел од проблемот за кој Вашиот партнер во овој момент нема капацитет да го види. Неговите реакции доаѓаат од место на немоќ да се согледа вистинскиот проблем кој го мачи. Често кога се наоѓаме во проблем и немаме капацитет да се соочиме, преку механизмот на проекција ние ја префрламе причината на некој во нашата средина во надеж дека така ќе ни помине болката и ќе стигнеме до решение. Кога станува збор за зависности, во кои спаѓаат и наркотици и алкохол и коцкање, менталното здравје е сериозно нарушено. Точно е дека може да се појави и депресија која треба да се третира но, никако не смее да се исклучи и третирањето на проблемот на зависност.

Кога некој близок има проблем со зависност важно е да знаеме дека тој многу тешко и многу подоцна ќе го види и признае својот проблем. Во тој процес поддршката од средината е неопходна но, да биде насочена на правилен начин. Тој начин не подразбира да се поддржува кругот на одржување на зависноста напротив, значи да се излезе од кругот кој дава лажна разрешница на проблемот. 

Сосема е разбирлива и добро освестена Вашата потреба да искомуницирате со него на начин на кој би разбрал дека неговото однесување е негов избор и дека неоправдано во Вас проектира причини за неговата несреќа. Би сакала да Ви предочам дека рационалноста кај луѓето кои имаат психички проблем не е со доволен капацитет за размена каква вообичаено очекуваме, важно е да сме свесни дека во комуникацијата кај нив преовладуваат емоции и емоционални потрешкотии (страв, бес, лутина…) и дека тешко до нив допира “здрав разум“. 

Затоа мојот совет оди во насока да при комуницирањето со Вашиот партнер тежиштето го ставите на Вашата желба и  одлука што сте спремни да направите, а што не прифаќате да направите во врска со неговиот проблем. Во таа насока би можеле да му понудите поддршка да бидете покрај него додека се соочува со проблеми, да му посочите контакти каде би се обратил за професионална помош…, но не и повеќе да партиципирате во кругот кој му дава одложување на проблемот и полека го уништува.

Земете си време за лично да се поддржите и да застанете на место од кое јасно и со љубов ќе може да ги поставите Вашите граници во релацијата со партнерот. Тоа е процес и за Вас,  да прифатите дека понекогаш помагаме со јасни граници и кога им кажуваме „не“ иако тоа може да ни разбуди чувство на вина. 

За да се грижиме за друг прво е важно да сме свесни за грижата за себе која ја покажуваме преку јасни граници во релациите кои ги градиме.

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.