„Имам проблем со пелтечење“ – совет од психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Имам проблем со пелтечење, ми се појави пред неколку години, но потоа по одреден период го снема само од себе. Сега, преку вечер повторно ми се појави. Некој совет, каде да се обратам? Како да ја исконтролирам блокадата која ми се јавува при зборување, што ми предизвикува анксиозност и панични напади.

Одговара: Ана Попризова, психолог и гешталт терапевт

Пелтечењето претставува состојба на нарушување на говорот. Односно, нарушување на нормалниот тек на говорот кој често е прекинат со повторување или продолжување на зборовите и речениците а во некои случи и неможност да се отпочне реченицата.

Во однос на твоето прашање каде и кому да се обратиш, вообичаено е најпрво да се провери да не се работи за невролошки проблем или физичка повреда. Откако тоа ќе се исклучи би можело да се работи на воочување на причините за појава на пелтечењето и препознавање на нивната функција во твоето секојдневно однесување и функционирање. Понекогаш во основата на оваа состојба се психолошки процеси.
Справувањето и надминувањето на пелтечење е индивидуален процес кој може да трае различно кај секоја личност. Во основа е потреба за работа на својот личен развој, самодоверба и стратегии за справување со стресни ситуации.

При работа на оваа состојба најдобро е да се вклучи тим составен од психолог и логопед. Поддршката од двете стручни лица е од суштинско значење бидејќи логопедот работи на симптомите, а психологот се занимава со прашањата кога, зошто, како настанала состојбата, кога се појавило пелтечењето, како и стратегии кои можат да се применат во однесувањето.

Твојата возраст е соодветна да започнеш со третман со овие два типа на професионалци.
Она што може да помогне за надминување на оваа сосотојба е доколку низ работа со психолог ги разгледате следниве прашања: кога за прв пат се појавило пелтечењето, какви биле околностите во твојот живот, семејството или училиштето во тој период, кои чувства доминирале во тој период, кои се вообичаени начини на реагирање во стресни ситуации и сл. Често се случува во основа кај лицето кое пелтечи да е стравот како емоција која ја парализира личноста, а тоа се манифестира преку говор со пелтечење.

Како што и ти наведуваш во своето прашање, кај личноста која пелтечи може да се појави анксиозност и панични напади. Во голема мерка тоа е резултат на чувството на напријатност кога личноста е изложена на очите на јавноста и е во центарот на вниманието, при одговарање во училиште или јавен настап. Поголем дел од времето може да се чувствува фрустрирано бидејќи пелтечењето ја спречува да го искаже своето знаење на начин како што таа сака. Исто така околината не секогаш реагира со разбирање, па често може да се појави потсмевање и омаловажување.

Анксиозноста и паничните напади можат да се надминат со психолошко советување при кое би се работело на детектирање и препознавање на ситуациите кога личноста се чувствува анксиозно, стратегии за справување со паничниот напад. Секако дека во овој контекст би се направило поврзување на овие состојби со пелтечењето. Многу е значајно тоа што наведуваш дека во одреден период пелтечењето се намалило, што е одличен резултат и укажува дека ти имаш сопствени механизми за справување и низ работа со психологот би се поддржале тие однесувања кои дале позитивен ефект.
Поддршката од околината влијае позитивно врз личноста која минува низ процес на работа на себе. Многу е значајно личноста да си ја искреира својата мрежа на поддршка, односно да воочи кои луѓе од околината имаат позитивно влијание врз личноста. Тоа можат да бидат родителите, семејството, пријателите, стручните лица, кадарот во училиштето и сл. Оваа поддршка е значајна бидејќи преку комуникација со нив, а и поддршка во стресни ситуации, личноста ќе учи да развива нови начини на однесување.
Се надевам дека со овој одговор успеав да помогнам да ја согледаш пошироката слика за прашањето кое те мачи и да добиеш насока за своите идни чекори. Ти посакувам успех во процесот на твојот личен раст и развој.

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.