„Имам одвратни дисоцијации“ – совет од психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Имам одвратни дисоцијации во последно време и не знам како да се справам со нив. Конкретно дереализација и деперсонализација. Како да се справам со дисоцијациите бидејќи ми го нарушуваат секојдневието и можноста за функционирање?

Одговaра:  Радмила Живановиќ, лиценциран психолог и психотерапевт од Психотерапика

За жал немам многу информации за тебе во твоето прашање што е некако многу разбирливо кога најбезболно е да се зборува за „Тоа“ како да непостои и секое поголемо излагање би го донело и преживеаното и би те ставило повторно во немоќ и можна дисоцијација. Она што можам да забележам од она што не го читам е дека ситуацијата ти е доста тешка, измачителна и силно те окупира, нешто што често се случува која индивидуата изнесува дека и се случува дисоцијација, дереализација и депресонализација.

Навистина е тешко долги години да ја носиш и да се справуваш со оваа тежина и потребно е навистина, после толку време, да се пронајде начин како да се разбере, прифати и соодветно да се одговори. Бидејќи дисоцијацијата е најчесто е поврзано од трауматично доживување или доживувања во поранешните години на развојот најчесто од лица на кои им веруваме а воедно не повредиле или сеуште не повредуваат, потребно е навистина да се пристапи со голема почит и разбирање. Затоа те замолувам сите насоки кои ќе ги донесам да ги третираш како некои насоки кои моето досегашно познавање и искуство ги има, и немора да се однесуваат на тебе. Но ти види што од ова ќе има значење за тебе, и она што ти се чини потребно, слободно земи си го за себе. Ок сум и ништо од ова да ти нема смисла. Посекако, посебно за ваква тема, навистина не постои вистина и решение апликабилно за сите. Но треба да знаеш дека и твојата вистина, не е целосната твоја вистина. Ти не си само дисоцијацијата за која зборуваш. Ти си многу повеќе, а највеќе со уважување и прифаќање на твоето преживеано.

Дисоцијацијата е состојба на фрагментирање и напуштање на свесноста за себе со цел справување со огромната болка и страдање кое се актуелизира од постоечка длабока траума, најчесто траума која настанува во значајни релации, или релации кои се заштитени од значајните релации а кои индивидуата, најчесто индивидуата во развој, во моментот на случување е преплавена и не успева да се справи со интензитетот на истата.

Дисасоцијацијата значи дека постои забрана траумата да се асоцира со остатокот од животот. Според Басел Бан дер Колк, таа не припаѓа на остатокот од животот и се отрга од севкупноста на чувството на себе. Во дисоцијацијата постои расцепт помеѓу различни доживувања на себе, дисоцираниот дел е најчесто делот во кој еден аспект од Себе е изгаснат, исплашен, и силно истрауматизиран.

Тој дисоциран аспект на себе најчесто се дисоцира од многу аспекти на животот, а ако долго време опстојува знае да завземе голем дел од нефункционалноста во многу животни улоги и случувања. Дисоцијацијата ја оневозможува интеграцијата на индивидуата и нејзиното чувство за единство и единственост. Деперсонализацијата и дереализацијата се аспекти на дисоцијацијата во кои кај дереализацијата не постои чуство за себе, себе не се препознава ниту идентификува, додека дереализацијата е состојба во која нештата и луѓето околу нас се чинат нереални и илузорни. Во двете состојби постои реална илузија и недостасува чувство на актуелна реалност, поточно индивидуата не е свесна за сопствените капацитети и условите во кои се наоѓа, туку е во контакт со траумата, споменот на неа, кој ја брише секоја способност за проверка на реалноста и креира чувство на немоќ и исчезнување.

Од она што го знаеме за одговорите на стресна ситуација, познатите Бори се и Бегај, се воедно и најадаптивни автоматски механизми на одбрана од одредена закана, во кои го покренуваме телото во реакција на избегнување и заштита од заканата. Во овие одговори имаме дозвола да избегаме. Останатите одговори се одговори во кои замрзнува нашиот капацитет за борба и заштита и во кој чувството за себе колабира за да не биде видено. Првиот дел на дисоцијативниот одговор е моментот на замрзнување, кога не смееме да избегаме, а мора да се заштитиме од она што е емотивно и премногу болно и за нас самите да го согледаме, на пример кога оној кој го сакаме или ни е пријател, во исто време не повредува на несоодветен и силен начин. Вториот дел е колапс, се губиме, затвараме и ја намалуваме болката со што се предаваме на волјата на напаѓачот до можност за тотално отсуство и онесвестување- губење на свеста. Овие одговори се познати и кај животни кога се соочени со опасност која знаат дека нема да можат да ја надминат со бегање или борба.

Мора да се знае дека овие одговори не настануваат како резултат на нашата свесна одлука, туку се реакции на автономниот нервен рефлексивен систем, над кој немаме контрола во даден момент, и преку кои телото и умот наоѓаат начини да се заштитат во дадениот момент. Ова е многу значајно да се знае, затоа што оние што преживеале одредена траума честопати се обвинуваат дека можеле да направат нешто друго, кога сè што можеле да направат на тоа место и во таа ситуација е она што го направиле, да се заштитат себе си најдобро што можат.

Според Џенина Фишер, постојат три знаци за препознавање на структурна дисоцијација (дисоцијација која станува секојдневен дел и придонесува кон нефункционалноста на живеењето) и тоа: парадокси и контрадикции со кои се соочува индивидуата (се срами од себе, а се однесува на моменти супериорно, или пак е агорафобичен- му е страв да излезе од дома, а излегува да трча само во одреден дел од денот, или е некој кој во исто време пројавува и воодушевување и деевалуација на блискиот-пријателот), терминална амбивалентност (неможност да се донесе одлука за мали и големи нешта, неможност и недоверба да направи чекор напред) не се бележи никаков ефект на лекарства или интервенции и дури истите имаат дури парадоксален ефект (индивидуите не бележат никакви промени- непроменлива е состојбата, или заспиваат кога треба да останат будни).

Како можеме да им помогнеме на сите оние кои имаат преживеано длабока траума која ги носи во дисоцијација:

Потребно е да го препознаеме и нормализираме чувството; потребно е да се пристапува во многу внимание и грижа, соодветно да се адаптира тонот на гласот и релациската дистанца, да се внимава со телесноста и допирот како и со агендата за промена/бришење на траумата; потребна е согласност за интервенциите и непостоење на притисок; потребна е невролошка и психичка спремност за да се доживее а да не се влезе во траумата или пак да се одигра. Најчесто се препорачуваат пристапи кои се базираат на работа со тело, движења, соочување со различни отуѓени и фрагментирани аспекти од себе, невролошки пристапи како на пр. ЕМДР, и когнитивни пристапи (кому припаѓаат тие мисли? На кој аспект од тебе?), и пристапи на само-сочувство. Многу е значајно да се биде присутен во релацијата со индивидуата но и да се разберат безбедносните аспекти и довербата во релацијата како значаен аспект на процесирањето на траумата и намалување на дисоцијацијата.

Што е потребно да знаеш кога дисоцираш: дека имаш право да се одомаќиниш во сопственото тело преку заземјување, дишење, додавање на тежина и комфорт, преку движење на телото и експресија; дека споменот на настанот го прави преживувањето страшно иако се случил одамна и дека во тој момент си се штител/а наместо да се напуштиш себе си; дека контактот со надворешната средина и она што те прави безбеден/а и сигурен/на е исклучително важно. Треба да разбереш дека преку градење на однос на доверба и безбедност, обезбедуваш простор во кој свесноста за сопствените мисли, чувства и доживувања полека ти стануваат блиски и ги посвојуваш со цел да ја намалиш фрагментацијата и да го прифатиш и интегрираш отуѓениот дисоциран селф. Тоа не значи дека некому му простуваш за болката што ти ја нанел, туку дека си ја дозволуваш/простуваш себе си можност да живееш понатаму, да направиш чекор нанапред, да изградиш нов вкус за себе и своите потреби.

Според Рут Ланиус, а во голем дел и во ЕМДР методологијата, постојат неколку вежби на водени имагинации кои им помагаат на клиентите да имаат чувство на контрола и регулација над дисоцијацијата.

Затворена кутија- Замислете си кутија во која можете да го сместите целиот вознемирувачки материјал на кој најчесто се сеќавате. Потоа, затворете ја кутијата и тргнете ја настрана сè додека не сте спремни да се соочите поцелосно.

Сигурно место- Замислете и искреирајте безбедно место кое е целосно во ваша контрола. Ставете го на тоа место се она што Ве прави да се чувствувате безбедни, позаземјени, нешто што ви дава да останете во контрола на менаџирање и раководење со стресот.

Потенциометри- Замислете дека имате потенциометри, едниот за интензитетот на темпото во терапијата, а другиот за емоционалниот интензитет во терапијата. Вие сте тие кои има контрола над нив. Секој пат кога сакате да забави можете да замислите како ја намалувате брзината а кога сакате да се намали го намалувате емоционалниот интензитет.

Лулашка- Замислете си како се лулате на лулашка (ова е значајно затоа што трауматизираните клиенти имаат потешкотии со дишењето, често остануваат без здив, или од таму се тригерираат) и бидете во контакт со своето дишење. Самото замислување ќе и помогне на индивидуата да дише послободно…

Ти благодарам што толку храбро го отвори ова прашање. Од овој одговор многу други млади луѓе ќе препознаат дека не се сами. Работата на траума подразбира работа со психолози, психијатри и терапевти кои највистина ја разбираат проблематиката, на кои сопствената траума не им е непозната и кои самите поминале низ слични процеси, и кои можат да искористат пристапи кои ќе го научат и клиентот како да си обезбеди поголема регулација и контрола на одговорот на стрес.

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.