Дебатниот клуб Лале стартува оваа среда со филмот „Сите ние сме Али“

Почнувајќи од среда, 30 ноември, започнува петтата сезона активност на дебатниот филмски клуб Лале, во џебното кино на МКЦ. Секоја среда бесплатно ќе се прикажува филм, а потоа ќе се дискутира за него.

Првиот филм, кој ќе се прикажува оваа среда, е „Ali: Fear Eats the Soul“, (Сите ние сме Али) на контроверзниот Рајнер Вернер Фасбиндер.

Филмот во 1974 година го има добиено највисокото признание од жирито на новинарите (Фипресци) на фестивалот во Кан.

Во него се раскажува приказната на Германка од околу 60 години и марокански мигрант кој е 25 години помлад од неа. Двајцата започнуваат врска и одеднаш решаваат да стапат во брак, предизвикувајќи осуда кај луѓето околу нив.