ЦИВИЛ алармира: Гласачи „изчезнуват“ од избирачкиот список, а претходно биле во него

ЦИВИЛ – Центар за слобода потенцира дека избирачкиот список не смее да стане алатка за манипулација со изборниот резултат. Ваквиот став доаѓа откако во текот на денов организацијата регистрира голем број на пријави на граѓан(к)и за лица кои, според нивните реакции, се избришани од Избирачкиот список.

„Станува збор за лица кои со години наназад гласале на исто избирачко место и кои и последниот пат кога ја провериле состојбата, пред затворањето на списокот, биле во него! Револтираните граѓани тврдат дека немаат доверба во државните институции и бараат преку граѓанскиот сектор, да биде известена демократската јавност за тоа што се случува“, велат од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ бара од Државната изборна комисија (ДИК) веднаш да ја расчисти новонастанатата ситуација. Според ЦИВИЛ, Комисијата мора да осмисли методолгија како да им овозможи на онеправданите граѓани кои немаат никаква вина за хаосот во Избирачкиот список, да го остварат своето уставно загарантирано право на глас.

„ДИК да ги испрати своите службеници на терен и адекватно да им одговори на сите ‘исчезнати’ од Избирачкиот список, за причините на развојот на настаните. Избирачкиот список, особено по неговото заклучување, не смее да стане алатка за манипулација со изборниот резултат! ЦИВИЛ бара спроведување на јасна постапка, преку која сите граѓанки и граѓани ќе го остварат своето право на глас!“, апелираат од ЦИВИЛ.