Четврто издание на Џифони Македонија од утре до 26 октомври

Петнаесет филма, по пет во категориите Јуниори, Кадети и Сениори се во официјалната селекција на четвртото издание на Филмски фестивал за млади Џифони Македонија, кој ќе се одржува од утре до 26 октомври со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија и Giffoni Experience од Италија.

Во Кинотеката на Македонија ќе бидат активностите од програмата за јуниори (деца од 10 до 13 години), а кадетите (14-16 години) и сениорите (16-18 години) настаните ќе ги следат во Младинскиот културен центар.

Во кино Милениум ќе биде свеченото отворање на фестивалот во 19.30 часот со филмот „Италијанска трка – брз како ветрот“ на Матео Роверо и затворањето и прогласувањето на победниците на 26 октомври.

Годинава на програмата на фестивалот има филмови од Италија, Германија, Русија, Шведска, Данска, Шпанија, Бразил, од Непал, кој е овогодишен кандидат за Оскар.

Интернационалното жири на фестивалот ќе биде составено од околу 550 деца и млади поделени во три старосни категории, а покрај од Македонија ќе опфати и повеќе од 50 млади од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Грузија, првпат од Азербејџан, САД, Велика Британија и од Албанија.

На фестивалот ќе има и гости од два филма – од турскиот „Син велосипед“и од рускиот „Кутија“. Покрај 15-те филмови во натпреварувачката програма, на четвртиот Џифони Македонија ќе има и ревијална програма со два македонски играни филма („Превртено“ и „Панкот не е мртов“), четири кратки македонски филмови и пет анимирани од Италија.

И годинашниот Џифони Македонија ќе има богата едукативна програма со вкупно десет работилници (четири за јуниори и шест за категоријата сениори и кадети). Меѓу работилниците, ќе има за техниката на анимација, за авторски филм, филм во еден кадар, за документарен филм, на кои ментори ќе бидат експерти од Македонија и од Хрватска (за документарен филм и за филм во еден кадар).

По завршувањето на фестивалот, на 27-ми и на 28 октомври фестивалот ќе организира и проекции за децата на Детската клиника кои ќе бидат синхронизирани и приспособени на нивната возраст.