Цензурата во Иран ги принуди демонстрантите да се префрлат на „темниот интернет“

Додека интензитетот на анти-владините протести низ Иран се намали последниве два дена, интернет цензурата во земјата принуди илјадници граѓани да користат посебен софтвер кој ги заобиколува рестрикциите.

Статистиките на „Тор Проџект“, кој обезбедува пристап до таканаречениот „темен интернет“ (dark web) преку нивниот анонимен интернет прелистувач Тор, покажуваат дека корисниците во Иран се дуплирале по почетокот на протестите од крајот на декември, пренесува Њузвик.

Вчера на улиците во повеќе ирански градови поддршка за власта изразиле десетици илјади граѓани, кои ги обвинуваат Соединетите Американски Држави за предизвикување на најголемите анти-владини демонстрации по 2009 година, пишува Ројтерс.

За време на вчерашната молитва, иранскиот конзервативен свештеник Ахмад Катами, ги повика властите да создадат сопствени апликации за пристап до социјалните мрежи, истовремено повикувајќи на казни за водачите на анти-владините демонстрации.

Засега во демонстрациите кои траат повеќе од една недела, според иранските власти, загинале 22 лица, додека преку 1.000 се уапсени.

Демонстрантите го користат интернетот и социјалните мрежи за да се организираат и да ги шират информациите кон целиот свет, што предизвика иранската власт да го блокира пристапот до Инстаграм, Телеграм и други социјални медиуми и платформи за комуникација.

Претседателот на Иран, Хасан Рухани, јавно ја поддржа слободата на говорот на граѓаните, соопштувајќи пред членовите на неговиот кабинет на 31 декември: „Ние сме слободна земја, заснована на устав и граѓански права и луѓето се целосно слободни да ги искажат своите критики и дури и да протестираат“. Сепак, истиот ден, владата на Иран го блокираше пристапот до Телеграм, апликацијата за праќање пораки, што го принуди основачот на оваа платформа, Павел Дуров, да ја отфрли цензурата.

„Иранските власти почнаа да го блокираат Телеграм во Иран, откако јавно соопштивме дека нема да ги згаснеме каналите на мирните ирански демонстранти“, изјавил Дуров во блог објава на 31 декември.

Иран потроши 36 милиони долари во 2016 година за развој на технологија на „паметно филтрирање“, која ќе им овозможува на властите селективно да го цензурираат интернет пристапот на своите граѓани.