Битолска промоција на „Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата“

Публикацијата „Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата“, ќе има и своја битолска промоција која ќе се одржи денес, со почеток во 13 часот во дворот на „Интимен театар“ – Битола.

На промоцијата свое обраќање ќе имаат авторките на публикацијата Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска. Тие ќе зборуваат за феминистичката страна на местата и приказните поврзани со нив, за процесот на документација и прибирање на материјалите, како и за проектот WoW, во чии рамки се оствари реализацијата на оваа публикација.

„Во време кога се чини дека секојдневно се наоѓаме на некаква општествена, културолошка и политичка крстосница, овие приказни се потенцијална мапа за изнаоѓање на алтернативни начини на дејствување. Овие жени и места, како и приказните што ги спојуваат, не се паралелни или секундарни наративи, туку една од двете историски артерии во срцето на денешното општество, често изоставена од историите на градење и уривање на многу локални светови“, велат авторките.

Нашиот пат е водич по културната, политичката и географската траекторија на Северна Македонија, во чијшто тек учествувале овие 25 жени. Книгата зборува за жени кои замислиле подобар заеднички свет и дејствувале активно; го создавале на воениот фронт, во науката или во социјалниот живот: курирки на народните движења, неформални министерки за социјална правда, партизанки, политичарки, писателки, уметници, први индустриски работнички, културни работнички, борки за човекови права, но и антагонистички мисионерки.

Проектот „Жени за жени“ (WoW – Women on women) се фокусира на родовата еднаквост преку феминистичката перспектива, следејќи го наследството на жените од позицијата на жените од различни социјални и културни позадини.

Достапна е и онлајн мапирана архива од приказните од македонското, хрватското и словенечкото издание.