Бесплатен јавен превоз во Скопје за две години, најави градоначалничката Арсовска

Проектот за воведување БРТ превоз, акцијата за чистење диви депонии и финансиската состојба на Градот Скопје и на јавните градски претпријатија беа главните теми на кои градоначалничката Данела Арсовска разговараше на денешниот брифинг со претставниците на медиумите.

Арсовска најави дека се работи на реорганизација на ЈСП и дека за две години целосно ќе се реализира проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните.

„Се работи на програмата што ја имавме зацртано, односно се преземаат првите чекори од етапното воведување бесплатен автобуски превоз. Ревизијата во ЈСП Скопје е започната, се детектираат сите слабости во работењето на ова претпријатие. Како што знаете, ова претпријатие е тежок загубар, а целта на новото раководство е да овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, зголемување на приходите и овозможување непречено функционирање со сето она што може да се направи во следниот период. Најпрвин, претпријатието да излезе од долговите, второ – да се овозможи да се воведе бесплатен превоз, првично на оние категории на кои што им беше ускратено ова право и трето – изнаоѓање начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на прва транша на автобуси, а понатаму ќе видиме како ќе биде финансирањето“, рече денеска градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека ЈСП Скопје ја почна реализацијата на проектот од предизборната програма „Скопје без заборавени населби“, односно, продолжување на автобуските линии од линискиот превоз онаму каде што ги нема.

„Запознаени сте дека има голем број места каде што за жал јавниот превоз не е достапен и покрај тоа што има технички можности за тоа, а жителите на тие места пешачат по 2, 3 и повеќе километри за да стигнат до најблиската автобуска станица. Во финална фаза е постапката за нов линиски ред, воведување ноќни линии, воведување зачестени линии онаму каде што се потребни имајќи предвид дека имаме ситуации на одредени локации каде што само двапати во текот на денот пристигнува автобус, што го ограничува начинот на корисниците на јавниот превоз од подалечните локации да стигнат дома“, додаде градоначалничката.

Град Скопје вчера го стопираше тендерот за изградба на БРТ системот кој беше најавен како солуција за јавниот превоз во главниот град од претходната администрација на градоначалникот Петре Шилегов. Според градските власти тендерот бил стопиран поради недостатоци и ризици по животната средина.