Австриската влада покрена иницијатива за забрана на хиџаб во училиштата

Австриската влада има намера да им забрани на девојките од муслиманска вероисповед да носат хиџаб во градинките и основните училишта.

Прв со таква иницијатива излезе во јавност вицеканцеларот и лидер на Слободарката партија на Австрија, Хајнц-Кристијан Штрахе кој изјави дека треба да се воведе таа забрана за на девојчињата од десет години да им се овозможи непречен развој.

Според него, забраната за носење на хиџаб во градинките и училиштата би ја подобрила интеграцијата на овие деца.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц ја прифати иницијативата на Штрахе и најави дека ќе работи на закон што ќе го опфаќа ова прашање.

На владината седница, Курц соопшти дека е формирана иницијатива за изработка на закон со кој би се забранил носењето на хиџаб во училиштата и градинките.

Тој им посочи на надлежните министри да изработат закон за заштита на децата.

За целосна примена на тој закон би била потребно двотретинско мнозинство во Парламентот, за што Владата би морала да бара поддршка од опозицијата.

„Сите девојки во Австрија би требало да имаат исти шанси за развој“, нагласи Курц.