[Анкета] Македонските граѓани со најголема доверба во образованието, а најмала во правосудството

Образовните институции влеваат најмногу доверба кај македонските граѓани, додека Собранието и правосудните институции имаат најмал интегритет во очите на јавноста, покажуваат резултатите од истражувањето за работата на полицијата на регионалната мрежа на граѓански организации од Западниот Балкан „ПОИНТПУЛС“.

Покрај образованието, во кое доверба имаат 62% од граѓаните, следува полицијата (55%), здравството (50%), општинската и граѓанската управа (48%), медиумите (47%), НВО секторот (47%), царината (46%), пазарна инспекција (38%), Парламентот (36%), Обвинителството (34%), судството (30%) и Државната комисија за спречување на корупцијата (28%).

„Поразително е тоа што токму институциите како судството, Антикорупциска се оние кои имаат најмала доверба. Тоа е разочарувачки бидејќи тие треба да бидат оние кои работат на подобрување на интегритетот на целиот јавен сектор и на борба против корупцијата, посочува Магдалена Лембовска од тинк-тенкот „Аналитика“.

Повеќе од половина од населението (55%) покажуваат доверба во полицијата, но речиси една четвртина (23%) сѐ уште нема доверба во оваа институција. Како и минатата година, младите остануваат со ниска доверба во полицијата.

Анкетата покажува позитивна перцепција за полициските службеници меѓу населението, особено кога се работи за жени-полицајки. Сепак, граѓаните веруваат дека политиката игра важна улога во полициската работа – почнувајќи со практиките на вработување кои се сметаат за зависни од политичките врски на кандидатот, но, исто така, и на оперативно ниво.

Граѓаните воглавно ја сметаат полицијата како средство за заштита на интересите на политичките партии или други конкретни групи. Поради тоа, Министерството за внатрешни работи треба да направи значајни напори за да ја деполитизира полицијата и да се осигура во имплементацијата на професионални стандарди на сите нивоа во оваа институција.

Нивото на доверба во полицијата меѓу етничките Албанци се зголемило во 2017, што е позитивен тренд со оглед на тоа што процентот во минатото бил многу помал од оној на етничките Македонци. Во моментов, меѓу двете етнички групи, нема значајни разлики.

Иако јавната доверба во полицијата е релативно висока, исто така има перцепција за широко распространета корупција, што покажува висока толеранција за корупцијата во македонското општество. Сепак, охрабрувачки е да се види дека најголемиот дел (70%) од граѓаните се спремни да пријават полициска корупција дури и доколку е потребно да откријат лични податоци, што е далеку повеќе од другите земји во регионот.

„Постои широк консензус дека мотивирањето на граѓаните да пријават корумпирани полициски службеници е најнеопходното дејство за превенција на корупција. Оттука, чинителите треба да се фокусираат на промоција на механизмите за надзор и контрола. Одењето во локална полициска станица е првиот избор за пријавување полициска корупција, додека организациската единица за внатрешна контрола, која е всушност одговорна за вакви случаи, не е многу популарен избор. Исто така, интересно е да се забележи дека дел од граѓаните често претпочитаат понеформални канали и попрво би го пријавиле случајот кај познаник кој работи во полицијата“, се наведува меѓу главните наоди од истражувањето.

Во однос на невладините организации, дел од граѓаните бараат тие да играат активна улога против корупцијата, а се препознава и улогата преку истражување и давање на препораки.

Проектот е спроведуван од страна на ПОИНТПУЛС, регионална мрежа на седум граѓански организации од Западен Балкан и поддржан од Европската унија преку програмата „Инструмент за граѓанско општество“ како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Истражувањето во Македонија беше спроведено преку телефонска анкета во јули 2017 година од страна на ИПСОС Стратешки маркетинг на репрезентативен примерок од 1000 возрасни лица.