„Англискиот пациент“ ја доби „Златната Букерова награда“ од публиката

Книгата „Англискиот пациент“ (English Patient) од Мајкл Ондачи е прогласена за најдобрата книга добитник на Букеровата награда во последниве 50 години според гласовите на публиката.

Таканаречената „Златна Букерова награда“ беше организирана за да се одбележи 50-годишнината од постоење на наградата, која се смета за најреномирана во областа на книжевноста. Стручно жири најпрвин ги прочита одново сите 52 добитници на наградата и одредија пет книги, по една од секоја деценија, кои беа ставени на јавно гласање.

Според изборот на жирито, покрај романот на Ондачи, беа номинирани и „Волчја аула“ (Wolf Hall) од Хилари Мантел, „Месечев тигар“ (Moon Tiger) од Пенелопе Ливли, „Линколн во бардо“ (Lincoln in the Bardo) од Џорџ Сондерс и „Во слободна држава“ (In a Free State) од Видијадар Сураџпрасад Најпол.

Зборувајќи на затворањето на церемонијата синоќа, Ондачи изјавил дека од 1992 година не ја прочитал повторно Англискиот пациент

„Ни за секунда не поверував дека ова е најдобрата книга на листата, особено бидејќи е во конкуренција со делото на ВС Најпол, еден од мајсторите на нашето време, или со големо дело како Волчјата аула. Се сомневам и знам повеќе од другите дека веројатно Англискиот пациент сè уште е маглива, со грешки во динамиката“, рекол Ондачи.

Тој додал дека е важно да се даде признание и на авторите кои никогаш не освоиле Букерова награда, посочувајќи ги особено Вилиам Тревор, Барбара Пим и Алис Мунро.

Романот на Ондачи освоил скоро 9.000 гласови од публикаата. Претходните гласања за „Најдобрите Букерови добитници“ направени за 25-годишнината и 40-годишнината од постоење на наградата ги доби Салман Ружди за неговиот роман „Деца на полноќта“.

Камила Шамси, член на жири-комисијата, изјавила дека Англискиот пациент е вид на книга која „ви влегува под кожата и упорно бара да и се вратите одново и одново, секогаш нудејќи ново изненадување или одушевување“.

„Малку романи навистина заслужуваат да се наречат трансформативни. Овој е еден од нив. Се движи беспрекорно помеѓу класик и интимен роман, во еден момент гледате во огромното пространство на пустината, а следниот момент ја гледате сестрата како става парче слива во устата на пациентот. Структурата е таква што ги прикажува деталите и ве наградува, прекрасно е напишана, со голема хуманост на секоја страница“, рекла Шамси.