Американските ученици излегоа од часови на протести против насилството со оружје

Илјадници ученици од Соединетите Американски Држави синоќа излегоа од своите училишта во демонстрација на жалење и барања за акција со која ќе се стави крај на насилството предизвикано со оружје.

Според проценките, ученици од 3.000 училишта марширале во училишните дворови, паркинг просторите и околу школските објекти, носејќи транспаренти со порака „Доста е“.

Протестот доаѓа еден месец откако ученик со автоматско оружје уби 17 лица во средно училиште во Паркленд, Флорида, во најсмртоносниот вооружен напад на средно училиште во историјата на државата. Преживеаните од масакрот се придружија на другите ученици за организација на демонстрациите.

„Имаше многу емоции. Многу луѓе плачеа. Во нашите мисли беа 17 луѓе кои ги загубивме“, изјавила Флоренс Јаред, ученичка од трета година во училиштето каде што беше извршен нападот, која заедно со 3.000 нејзини соученици излегоа на фудбалскиот терен на училиштето, каде што пред еден месец многу од нив трчаа за да ги спасат своите животи.

Различни начини на протест правеа учениците од другите делови на САД. Во Бруклин, учениците ги исполниле пешачките зони, во Џорџија клекнале во училишните ходници, во Вирџинија мирно стоеле во ред, а во Вашингтон учениците го свртиле грбот кон Белата Куќа. Најголемиот број од демонстрациите беа планирани да траат по 17 минути, една минута за секоја од жртвите од Паркленд.

Во некои училишта, учениците се собрале и покрај предупредувањата на управите дека ќе бидат казнети за протестот.

Протести имало и во основните училишта. Во Вирџинија, децата ги синхронизирале часовниците и претседателот на секој од одделенијата ги предводел соучениците надвор од училницата две минути пред планираниот почеток на протестите во 10 часот наутро.

„Некои родители мислеа дека не сме доволно возрасни за да знаеме што правиме. Тие мислат дека бидејќи сме петто одделение, немаме никакви информации за тоа што се случува“, вели 11-годишниот Картер.

„Само чувството дека се залагаме за некаква промена ме прави да се чувствувам горд“, вели 10-годишниот Хенри Гибс.

Главните барања на учениците беа насочени кон нови закони за безбедност со оружјето, забрана за автоматски пушки и шаржери со поголем капацитет, како и воспоставување на универзална проверка при набавувањето на оружје. Тие испратија и повици на револт кон најавите за дополнително физичко обезбедување на училиштата со огради и ѕидови, политики поддржани од Националната асоцијација за оружје, најмоќната лоби група за оружје во САД.