Американски турист доби казна поради јадење сладолед на римска фонтана

Американски турист бил казнет со износ од 450 евра, откако го прекршил римскиот закон за зачувување на историските јавни простори, откако јадел сладолед на скалите на заштитена фонтана, пренесува „Гардијан“.

Туристот бил замолен да се тргне од местото, но тој не ја послушал полицијата, по што бил парично казнет.

Педесетипетгодишниот турист бил забележан од полицијата во раните утрински часови како јаде сладолед на скалите на Фонтана де Катехумени, сместена во мал плоштад во реонот Монти.

Изградена од Батиста Рускони во 1589 година, фонтаната е популарно место за средби и вечерни дружби на скалите, но минатата недела била опколена со заштитна лента.

Но лентата набрзо била отстранета, па американскиот турист не знаел дека ги прекршува правилата за заштита на историските јавни простори со седење на скалите.

Туристот истакнал дека не знаел за усвоените правила за заштита кои биле усвоени во 2017 година со цел да се заштити историското римско богатство.

Ваквите правила биле воведени уште во 1946 година, но биле обновени во 2017 година, а со нив се забранува тркалање на куфер по историски скали, пливање во фонтаните и шетање без горен дел од облеката.