Галичник Филм Фестивал – „Свој на своето!“

На амфитеатарот Упија во Галичник кој се наоѓа на 1500 метри надморска височина, ќе се одржи второто издание на Галичник Филм Фестивал.   Од 5 до 8 август, филмските проекции ќе се прикажуваат под отворено небо, а доцните часови ќе бидат резервирани за концерти со филмска музика.

„Овој млад културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања од регионот и пошироко. Селекцијата вклучува 26 филмови од цел свет, во три натпреварувачки категории – игран, документарен и анимиран краткометражен филм“, истакнуваат организаторите.

На второто издание на фестивалот ќе се прикажат неколку европски премиери, но и филмови со учества на Оскарите, Канскиот филмски фестивал, Санденс, ИДФА, Венецијанскиот филмски фестивал, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Клермонт-Феранд фестивалот за краткометражни филмови, како и Филмскиот фестивал во Сараево.

„Добитникот на Оскар за најдобар краткометражен филм, “Кожа” на режисерот Гај Натив и номинираниот за Оскар “Собата за писма” на режисерката Елвира Линд се само дел од врвните филмски достигнувања кои се борат за главната награда“, нагласуваат организаторите.

На отворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот “Налепница” по сценарио и режија на Георги М. Унковски, како и „Кавал” на Саша Станишиќ.

Првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со настап  на„ Летечки пекинезери” кои ќе имаат концерт од филмска музика, додека на затворањето на фестивалот свој настап ќе има диџеј Чваре.

Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.

Галичник Филм Фестивал е во организација на Дарма Филм и Месна Заедница Галичник, со поддршка од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија Скопје.