Америка и Израел се повлекуваат од УНЕСКО

Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека САД на 31 декември 2018 година се повлекуваат од УНЕСКО. Неколку часа по соопштувањето на одлуката, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху информираше дека се подготвуваат за повлекување.

„Не беше лесно да се донесе одлуката и таа ја изразува загриженоста на САД поради се поголемите неподмирени обврски во УНЕСКО, потребата за темелна реформа во организацијата и постојаната пристрасност во УНЕСКО насочена против Израел“, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението, исто така, се наведува дека САД ќе настојуваат „и понатаму да бидат ангажирани како земја со статус на набљудувач и да придонесат со ставовите, перспективите и стручноста на САД“.

Американската Администрација значително го намали буџетот за УНЕСКО во 2011 година во знак на протест против одлуката да им се даде полноправно членство на Палестинците во Организацијата.

Сепак, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ќе продолжи да соработува со Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и покрај несогласувањата, изјави неговиот портпарол Фархан Хаку откако официјален Вашингтон соопшти дека се повлекува од УНЕСКО.

Гутереш „длабоко жали“ поради одлуката на САД, но „во исто време многу продуктивно комуницира со САД во врска со многу прашања и преку многу организации и ќе продлжи да го прави тоа“, изјави Хаку.

„Постојат моменти кога може да се појават несогласувања во врска со ова или она, но генералниот секретар, како што видовте, работи добро со владата на САД“, рече Хаку.