Ако нема скалесто покачување на платите, УПОЗ најави протести и блокирање на работа на институции

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) најави протести и блокирање на работа на одредени институции доколку нема скалесто покачување на платите. Реакцијата на УПОЗ доаѓа откако на Економско социјалниот совет во понеделникот беше донесена одлука за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

Оттаму велат дека со зголемување на минималната плата и, како што велат, немањето слух на Владата скалесто да се покачат останатите плати, ќе се направи крах на системот на плати во администрацијата и правосудството.

„За Синдикатот на УПОЗ е несфатливо не знаењето на Владата за начинот на пресметка и исплата на плати на сопствените работници. Со новата вредност на минималната плата Владата за првпат во историјата на Македонија ќе направи цела категорија вработени во администрацијата кои досега беа барем малку над минималната плата сега да примат минимална плата. Со самото тоа Владата прво ги омаловажува и понижува своите вработени и второ го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата во државата од 13.8% на скоро 18%“, се вели во соопштението на УПОЗ.

Оттаму велат дека откако се воведе минималната плата во 2012 година, до последното одлука таа ќе биде зголемена за 120%, додека платите во администрацијата и правосудството се зголемени за 9 или 10% од 2012 година до сега.

„Исто така, во последните години со политиките на Владата платите на вработените во одредени делови во јавниот сектор се зголемија за дури 25%, а платите во администрацијата и правосудството не беа зголемени ниту еднаш. Доколку Владата ги почитуваше сопствените закони и вршеше усогласување на платите со порастот на минималната плата како што тоа е пропишано во членот 8 од Законот за минималната плата до ваквата состојба воопшто немаше ни да дојде“, додаваат од УПОЗ.

Дополнително, тие објаснуваат дека во администрацијата и правосудството системот на плати е базиран на бодови кои се добиваат по два основи, односно за образование и за нивото на кое е распореден вработениот. Истовремено, децидни се дека доколку не се спроведе скалесто усогласување на платите ќе се случи вработените од пониските нивоа да ги престигнат вработените во повисоките нивоа, или вработените со средно образование да ги престигнат вработените со високо образование.

„Сето ова беше укажувано од страна на Претседателот Деаноски на седниците на Економско – социјалниот совет и на сите состаноци кои Синдикатот а УПОЗ ги имал со ресорните министри во минатото. Од тие причини Синдикатот на УПОЗ бара од Владата заедно со измената на Законот за минималната плата, во скратена постапка да направи измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството, на начин што вредноста на минималната плата да биде земена како основна плата на вработените и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво“, велат од УПОЗ.

На тој начин, тие додаваат дека ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и велат дека за првпат ќе има усогласување на платите во администрацијата и правосудството со порастот на минималната плата.

Утре пред пратениците ќе се најде предлог на закон за изменување на законот за минимална плата по скратена постапка, предложен од пратеници наЛевица уште пред да се донесе одлуката на Економско социјалниот совет, но и владин предлог на закон за изменување и дополнување на законот, исто така по скратена постапка.