Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Мапирање на супкултурите во Скопје: Вовед во движење одоздола

 

„Појавата на поголемо супкултурно движење во Скопје во 90-те е нераскинливо поврзана со судбината на работничката класа. Повеќето млади кои делеа големи шишиња евтино пиво или вино, дискутираа и споделуваа нова музика, книги и уметнички дела потекнуваа од работнички семејства. Дружењето на такви јавни места им даваше чувство на припадност на група и им го правеше секојдневниот живот интересен во време на општа социјална сиромаштија. Постоењето на големи, отворени јавни места во градот овозможи да се развие оваа пракса. Денес градот Скопје се соочува со долг и континуиран процес на узурпација на јавните места преку нивна приватизација и пренамена за комерцијална употреба“.

Публикацијата „Мапирање на супкултурите“ дава поглед кон независната културна сцена во Скопје, а истовремено е наменета да ги инспирира младите да се осврнат назад кон историите, практиките и процесите на современата култура и организациите во заедницата.

2. [Интервју] Тони Димков: „Културен печат“ ќе го правам додека можам и додека трае

Кога почнав да го правам „Културен печат“ си реков себеси дека ќе го правам додека можам и додека трае. Глобалниот процес на дигитализација сериозно го разнишува опстојувањето на печатените медиуми. Огромно влијание имаат и актуелните кризи, зголемувањето на цените на нафтата (потребна за дистрибуција) и на хартијата (потребна за печатење). Дополнителен притисок прават веб-медиумите, кои можат да функционираат со многу помал број вработени новинари и техничка опрема во однос на редакција која подготвува печатен медиум. Во таква ситуација ќе се обидам да ја одржам мојата новинарска мисија што е можно подолго, вели во интервју за Радио МОФ новинарот Тони Димков.

3. „Поентата е да ги мотивираме младите да даваат идеи“ – отворен првиот младински центар во Охрид

Младите, младинските организации и студентите добија нов простор во Охрид, каде ќе можат да организираат настани, обуки и работилници. Во комплексот Касарна вчера се отвори првиот Младински центар во градот, со кој раководи младинската чадор организација Коалиција Сега, преку проект на Општина Охрид.

4. [Интервју] Филип Велковски: Се’ уште ми е присутен интересот за мистицизмот, сонот и имагинарните митологии

„Стогови на времето“ се вика изложбата на Филип Велковски која минатата недела беше отворена во галеријата „Пионери“, па Радио МОФ направи интервју со македонскиот уметник за да „прочепка“ во неговата уметничка дејност. Тој моментално претстојува во Глазгов, па Велковски прави паралела и за независните сцени во Глазгов и Скопје, за одржливоста и функционирањето на колективите вон институционалното, но открива и за идните изложби и работни проекти.

5. [Видео] Еко акција во Ростуше – „Сите сме рефлексија на животната средина“

„Ова е огледало на (не)одговорноста за животната средина“ и „Како да ја разубавиме сликата во огледалото?“ се дел од пораките пренесени на петте вертикални огледала поставени во Ростуше, во рамки на еко-акцијата „Сите сме рефлексија на животната средина“.