„Поентата е да ги мотивираме младите да даваат идеи“ – отворен првиот младински центар во Охрид

Младите, младинските организации и студентите добија нов простор во Охрид, каде ќе можат да организираат настани, обуки и работилници. Во комплексот Касарна вчера се отвори првиот Младински центар во градот, со кој раководи младинската чадор организација Коалиција Сега, преку проект на Општина Охрид.

Раководителот на центарот Јован Цветковски за Радио МОФ вели дека изминатите години се видела потребата за ваков простор, а идеите и барањата доаѓале од различни иницијативи и генерации, додавајќи дека претходно немало достапен простор за младите, но и општо, за организирање настани преку целата година.

Младинскиот центар, Цветкоски објаснува дека располага со повеќе простории и техника, со тоа што има многу можности за да се случуваат и повеќе работи истовремено.

„(Центарот н.з.) многу ќе придонесе и ќе биде голем плус, општо за охриѓани и градот, особено на местото каде што си е, во касарната, и има доста капацитет и потенцијал кој што треба да се искористи. И тоа е поентата, да ги мотивираме младите да даваат нивни идеи, да не биде само од страна на центарот, туку очекуваме и самите млади да ги генерираат идеите и да придонесуваат што повеќе и да ги користат услугите, капацитетите“, вели Цветкоски.

фото: Глигор Велјановски

Во меѓувреме, раководителот на центарот објаснува дека заедно со повеќе страни, како организации и факултетски собранија наскоро треба да се направи и програмата за функционирање на центарот за идната година, односно со што ќе може да се вклучат што повеќе луѓе во користењето на центарот.

Цветкоски најави дека истовремено, во подготовка е и веб-страница за младинскиот центар каде е планирано да се објавуваат можности за вработувања на млади, стипендии и повици за аплицирање на младинските организации.

По завршувањето на проектот, Цветкоски објаснува дека планот е центарот да прерасне во младински културен центар под Општина Охрид, кој ќе функционира како независна институција и која самоодржливо ќе може да работи.

Цветкоски ги повика и охрабри младите да го посетат центар и да ги користат неговите услуги.

„Да не останеме на тоа дека сега се отвори центарот и готово, туку буквално од сега почнува. Бидејќи долго се бараше, од многу страни да имаме нешто вакво. Така што, да доаѓаат со доста идеи, да бидат отворени, затоа што и ние ќе сме отворени за соработка и што повеќе иницијативи да прават што повеќе настани и од нив да излегуваат доста креативни идеи, што мислам дека треба да се искористи максимумот на просторот, и да пробаме сите заедно да го заживееме. И тука да се младите, центарот да биде буквално едно такво збиралиште. Ги повикувам буквално да се проактивни и да ги користат сите капацитети што ги има и услугите, пак ќе кажам, за да не биде дека претходно баравме, а сега сме пасивни, чекаме само нешто од себе да се случи“, порача Цветкоски.

Мартин Колоски