[Интервју] Тони Димков: „Културен печат“ ќе го правам додека можам и додека трае

Тони Димков, фото: Арбнора Мемети

Кога почнав да го правам „Културен печат“ си реков себеси дека ќе го правам додека можам и додека трае. Глобалниот процес на дигитализација сериозно го разнишува опстојувањето на печатените медиуми. Огромно влијание имаат и актуелните кризи, зголемувањето на цените на нафтата (потребна за дистрибуција) и на хартијата (потребна за печатење). Дополнителен притисок прават веб-медиумите, кои можат да функционираат со многу помал број вработени новинари и техничка опрема во однос на редакција која подготвува печатен медиум. Во таква ситуација ќе се обидам да ја одржам мојата новинарска мисија што е можно подолго, вели во интервју за Радио МОФ новинарот Тони Димков. 

Оние што барем малку го знаат и следат Тони Димков, знаат дека не само што долго е ажурен во областа на културата, туку е и нераскинлив дел од мозаикот на домашната културна сцена. Димков ја доби највисоката државна награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“ за новинарство и „13 Ноември“ за публицистика, а објави и две книги „Зборот остава траги“ и „Кантар со метафори“.

Сега, тој стигна до 150 броја „Културен печат“ како уредник на ова културно гласило, па заедно со нова книга, јубилејот ќе го означи со настан на 15 октомври во кафе-барот на Филхармонијата.

Тони, зошто е важно да се одбележи вакво достигнување?

ТД: Суштината на одговорот лежи во одржувањето на континуитетот. Во поширока рамка, уште од 1990 година ги следам уметничките и културните настани. Во текот на овие, веќе 32 години, работев во повеќе различни, и печатени и електронски, медиуми, но фокусот на мојата работа беше строго кон културата. Таквиот континуитет ми овозможи да стекнам широк круг на пријатели меѓу уметниците, но и професионално да запознаам нови. Исто, со некои национални и други установи од областа на културата комуникацијата се одвива веќе со години. Тоа ја олеснува работата, но и постојано ме храни со нови информации од областа.

Одбележувањето на достигнувањето, сепак, го правам најмногу заради читателите. Од првиот број на „Културен печат“ имаше силен поттик од уметничката заедница да продолжам понатаму, да го одржам континуитетот. Затоа верувам дека колку што стигнувањето до бројот 150 е вредно и значајно за мене, како уредник на прилогот, и на редакцијата на весникот „Слободен печат“, каде што прилогот се објавува секоја сабота, верувам дека е значајно и за сите редовни читатели на прилогот.

„150-ката“ на неделниот културен прилог се одбележува заедно со твојата книга „Културен печатинтервјуа и разговори“, издание на „Магор“. Од каде потребата за книжевно објавување интервјуа, недостасува ли некакво енциклопедиско или архивско вреднување што ќе остане на подолг рок? 

ТД: Потребата за објавување на првата книга со интервјуа и разговори објавени во „Културен печат“ беше поттикната од желбата истите да се појават во друг формат, но и да понудат ново чувство при читањето. Прилогот излегува во рамки на дневен весник, каде секојдневно се објавуваат нови и нови информации. Често и како читатели таквите информации ги третираме од денес до утре, или некогаш и од денес за денес. За да влезат во содржината на книгата, интервјуата и разговорите требаше да го поминат тестот на секојдневното и да понудат содржина која ќе има универзална, или архивска вредност, што значи дека ќе може да се прочита и сега и во некое идно време, како факт за нашето време.

Во однос на чувството, од некои од читателите на моите претходни две книги, кои исто така содржат интервјуа објавени во медиуми во кои претходно сум работел, сум добил коментари дека го знаат интервјуто, веќе го прочитале во весник или во неделник, но при читањето на истите интервјуа во книга откриле сосема нови суштини. Тоа е целта и на новата книга. Дополнително, за книгите имаме чувство дека траат вечно. Прво на физичко ниво, бидејќи се складирани во библиотеки и својот читател може да го најдат по многу години. Повисокото ниво е духовната сила што ја носи секоја книга, а највредните книги успеваат да преживеат и да се читаат во текот на цели милениуми. За мене тоа значи дека сум оставил предизвик за следните генерации. Тие ќе ја проценат вредноста на мојата книга.

На настанот ќе биде промовирана и фан-страницата „Културен печат“. Можеби намерата е да се овозможи дополнителен линк, конекција со помладата популација која нема толку навики за печатени медиуми?

ТД: Отворањето на фан-страницата е дел од следењето на новите трендови, но има и практична причина. Покрај официјалната комуникација на имејл, содржините од „Културен печат“ на социјалните медиуми главно ги пласирам преку личниот профил на Фејсбук. Бидејќи таа социјална мрежа има ограничување на 5.000 пријатели што може да ги има еден профил, веќе извесен период се наоѓам во ситуација пиши-бриши, односно за да прифатам нови пријатели треба да избришам некои од старите. Или, да отворам втор профил, што нема да ми биде практично. Секако, не бришам пријатели, туку чистам неактивни профили. Таквиот јазол ќе се надмине со фан-страницата, каде ќе може да пристапи секој што сака, независно дали е на листата на моите пријатели. На тој начин ќе се отвори и можноста за подиректна конекција со читателите, независно дали текстовите ги читаат во електронското или во печатеното издание.

Над 30 години работиш како новинар во културата и уметноста. Како редовното следење на културата им помага на артистите и уметниците? Има ли смисла да прават нешто, ако нема најава, рецензија, или било каква објава за нивното дело?

ТД: Уметниците и артистите можат да ги прават своите дела и без да има објави за нив во медиумите, бидејќи тоа е основната вредност на секоја вистинска уметност, односно да опстои надвор од рамките на своето време. Не е мал бројот на уметници во историјата чија вредност била откриена во друго време.

Големото „но“ е што уметниците, сепак, сакаат нивната уметност да биде препознаена во нивното време. Затоа се битни и најавите на нивните промоции, изложби, претстави, филмови, концерти… Уште побитни се рецензиите на нивните дела од страна на стручна фела, бидејќи на тој начин имаат можност да слушнат друго мислење за тоа што го создаваат. Најбитно, сепак, е да се препознае вредноста на нивното творештво во времето кога е создавано, бидејќи таквата валоризација ќе им даде уште посилен поттик за креација.

Во еден наш претходен разговор рече дека во општата политизација на општеството сите сакаат да се занимаваат со политика, а културата ја сметаат за некомерцијална, непопуларна, некаде дури и непотребна. Медиумите, пак, често рубриката ја полнат со копи-пејст информации. Оттука, како да се поттикнат медиумите за да разберат дека со тоа не ја исполнуваат должноста кон јавноста? 

ТД: Факт е дека веќе живееме во време на хиперинформираност. Веќе има стотици, на светско ниво илјадници веб-медиуми, кои своите информации ги дистрибуираат преку, исто така, стотици социјални медиуми и комуникациски платформи. Бројот на информациите што секојдневно ги добиваме веќе го надминува капацитетот на мозокот да ги обработи. Затоа на голем дел од тие информации гледаме површно, или го читаме само насловот, а немаме време да го прочитаме целиот текст. Ретко кој има време и концентрација да прочита долг текст, а некои платформи го користат токму тоа како концепт да пласираат кратки текстови или фото и видео информации. Борбата за „кликови“ преку агенциите се пренесе и врз медиумите. Кај сите се „брои“ бројката на објави и бројот на „читатели“, а не квалитетот на објавениот текст. Така се појави „копи-пејст“ новинарството, кое сигурно не ја исполнува должноста кон јавноста, но собира поени кај агенциите.

Во таквата ситуација прва настрада културата, како најнекомерцијална област. Нема да кажам „непопуларна“ и „непотребна“, но токму атрибутите на популарност и потреба ги сотре политизацијата во општеството. Безусловното следење на секој чекор што ќе го направат политичарите ги збриша уметниците, актерите, музичарите од насловните страници, од централните вести, од „прајм-тајм“ термините. Намалувањето на страниците и минутите за култура ги уништи редакциите за култура. Во многу медиуми веќе нема новинар специјализиран за следење на културните настани. Во таква ситуација дури и „добро е“ ако воопшто има информација за културата, макар тоа да биде и „копи-пејст“.

Веројатно, медиумската културна агилност треба да оди рака под рака со интензивно инвестирање на државата во културата…?

ТД: Државата инвестира во културата во рамките на своите можности. Побогатите држави инвестираат повеќе, сиромашните помалку, секој со својата черга. Тоа што постојано се потенцира е потребата од промена на системот на финансирање во културата. Пред сѐ, тука се мисли на создавање на реални стратегии за културата кои ќе бидат имплементирани во модерен Закон за култура. Сепак, политизацијата во државата повторно ги меша картите и веќе неколку години се чека новиот предлог-Закон за јавен интерес во културата да помине на собраниска седница, а дури потоа евентуално да ги видиме неговите ефекти.

За крајот, да прашам дали Тони Димков има намера некогаш да избега од културните текови, и да се занимава со нешто друго? Постои ли таква шанса, или твојата новинарска мисија е преголема и преважна? 

ТД: Кога почнав да го правам „Културен печат“ си реков себеси дека ќе го правам додека можам и додека трае. Глобалниот процес на дигитализација сериозно го разнишува опстојувањето на печатените медиуми. Огромно влијание имаат и актуелните кризи, зголемувањето на цените на нафтата (потребна за дистрибуција) и на хартијата (потребна за печатење). Дополнителен притисок прават веб-медиумите, кои можат да функционираат со многу помал број вработени новинари и техничка опрема во однос на редакција која подготвува печатен медиум. Во таква ситуација ќе се обидам да ја одржам мојата новинарска мисија што е можно подолго. Никогаш не сум размислувал, дури имало и ситуации кога сум одбивал да работам нешто друго. Најголемиот поттик да продолжам понатаму со истата мисија го добивам од моите читатели и од јавноста. Ќе се обидам до крај да ја оправдам нивната доверба.

Бојан Шашевски