Прогласена тридневна национална жалост – во истрагата за пожарот во Тетово ќе се вклучат и експерти од странство

На територијата на целата држава е прогласена тридневна жалост, односно за денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре, по вчерашниот пожар во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица. Во овој период знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје, информираше денеска Владата.

Оттаму апелираат до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена.

„На оваа седница министрите за внатрешни работи и за здравство информираа за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнаа дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска. Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки“, се додава во соопштението на Владата.

Дополнително, Владата ги задолжила надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел да биде обезбедена во најкраток временски рок.

Истовремено, донесена е одлука да се прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО во земјава да испратат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари, за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот.

Советот на Општина Тетово претходно исто така прогласи тридневна жалост во градот, а градоначалничката Теута Арифи истакна дека семејствата на жртвите ќе се помогнат преку итниот фонд на општината.

Прогласена тридневна жалост во Тетово по пожарот во модуларната болница