606 пара празни чевли за 606 самоубиства во Нов Зеланд

Помина нешто повеќе од година од смртта на Џорџа МакБит, кога машините кои ја одржуваат во живот беа исклучени во болницата каде беше однесена. Џорџа беше пронајдена несвесна во својата гаража во Роторуа, Северниот остров на Нов Зеланд.

Свештеник и доктор возеле велосипед кога забележале дека нешто не е во ред. Друг пар, кој играл Покемон Гоу притрчал да помогне. Вкупно 10 луѓе се обиделе да ја оживеат 19-годишната девојка. Но, таа сакала да умре.

За нејзината мајка, Сузи Тејлор, самубиството на Џорџа било мачење.

„Се чини како да умре 365 пати. Кога и да се разбудам, принудена сум да живеам во овој свет. Нема апче кое можам да го примам, ништо што можам да го испијам, нема место на кое можам да одам или човек со кој ќе се сретнам што може ова да го промени. Ова е смртна казна“, вели таа.

Тејлор знае како е да се тажи по некој кој се самоубил. Нејзиниот сопруг си го одзел животот во 1995 година, а најдобрата пријателка во 2001.

Самоубиството е „тивка епидемија“ која го зафаќа Нов Зеланд. Земјата има највисока стапка на самоубиства меѓу младите. Бројот на смртни случаи расте веќе три години – 606 самоубиства до 30 јуни. Минатата година имало 579 случаи.

За таква криза, одговорот е слаб. Некои сметаат дека оваа национална трагедија треба да се третира посериозно.

На почетокот на август, три ожалостени мајки, кои ги изгубиле своите деца пред да наполнат 25 години, пратиле писмо до политичките партии во име на 200 други ожалостени семејства, барајќи шест нешта: независно истражување за менталните болести во државата, 2,3 милијарди новозеландски долари за здравствениот фонд, поставување на цел за намалување на самоубиствата, зголемување на генералното финансирање за здравство, обезбедување на сите институции со безбедносен персонал и „правење на секој дом здрав“.

„Како семејства кои ги изгубиле своите сакани поради самоубиство, знаеме нешто за храброста. Сме си поставувале себеси тешки и непријатни прашања“, напишале.

„Бараме од вас и вие да имате храброст. Сакаме да си поставите тешки прашања за нашиот систем за справување со менталното здравје. Ќе ви треба храброст да ја тргнете политиката настрана и да го направите тоа што е исправно за секој жител на Нов Зеланд“.

Сега повеќе партии истовремено ја поддржуваат кампањата и воведуваат стратегии за превенција.

Лабуристите ја поддржале идејата за поставување на цел за намалување, а новата лидерка Џасинда Ардерн вонејзината изборна кампања потсети дека секој Новозелаѓанец знае некој со ментални проблеми или суицидалност.

„Вчера прашав соба полна со луѓе дали знаат некој со овој проблем и секоја рака во собата беше крената високо. Секоја“, вели таа. „Иако има многу да се зборува за целите, знам дека никогаш нема да бидам задоволна –  ако изгубиме и само еден живот“.

Се очекува да се формира експертски панел, кој ќе го советува Министерството за здравство, за да се намали стапката на самоубиства.

Моменталното владино трошење за превенција на самобиства не одговара на сериозноста, велат економистите. Но, настрана од политичката сфера, жителите на Нов Зеланд се обидуваат да ја спречат оваа епидемија на секаков начин.

Самара Рид, 16-годишна тинејџерка која изгубила тројца другари поради самоубиство, а и самата се бори со депресија, вели дека единствен начин за прогрес е да се разговара отворено и да им се даде на младите нешто што ќе направи да се надеваат за иднината.

Побарала од премиерот Бил Инглиш да се стави на нејзино место.

„Можете ли да одите во моите чевли еден месец, и да направите друга одлука? Си ги труеме црните дробови опивајќи се, барајќи нешто да нè залечи и одиме на гробовите на нашите пријатели да плачеме“, рекла на говор на собир на кој биле изложени празните чевли на починатите.

Оваа недела, Сузи Тејлор ги поставила белите сандали на Џорџа, на собирот во Роторуа. Имало уште 605 пара чевли наредени едни до други, за да го покажат данокот кој менталните болести го зеле оваа година.

„За ова мора да се зборува. Нашите млади треба да имаат нешто што ги радува“, вели Тејлор.