50 новинари убиени во 2020, две третини од нив во земји каде нема војни

50 новинари биле убиени низ светот оваа година вршејќи ја својата професија, соопштија од Репортери без граници во нивниот годишен извештај. Додека трендот на новинари кои се убиени во воени подрачја се намалува, податоците на оваа организација покажуваат загрижувачки тренд на зголемување на убиствата на новинари во земји каде нема војни.

Бројката на убиени новинари за 2020 година е помала од ланската, кога беа убиени 53 новинари. Сепак, од Репортери без граници потенцираат дека оваа година далеку помалку новинари работеле на терен поради пандемијата со Ковид-19.

Од убиените новинари 48 биле мажи, а 2 жени. Најголем број работеле на случаи на локална корупција или злоупотреба на јавни пари, или пак на истражувања на организиран криминал. Новина оваа година е што дури седум новинари биле убиени при известување од протести.

Најголемиот број од убиствата на новинари се случиле во Мексико (8), по што следуваат Ирак (6), Авганистан (5) и Индија и Пакистан (4).

„Светското насилство продолжува да се прелева на новинарите. Некој може да мисли дека новинарите се само жртви на ризиците на нивната професија, но новинарите сè почесто се директна мета кога истражуваат чувствителни теми. Она што се напаѓа е правото да се биде информиран, што е сечие право“, вели генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делор.

Од сите убиени новинари, според извештајот, дури 84% од нив биле свесна мета и биле убиени намерно, а некои од нив на брутални начини. На пример новинарот за весникот Ел Мундо од Мексико, Хулио Валдивиа Родригез бил обезглавен, додека Виктор Фернандо Алварез Чавез, уредник на локална интернет новинска страница бил исечкан на парчиња. Во Индија, новинарот Ракеш Синг бил запален жив во неговиот дом, додека Исравел Мосес, телевизиски новинар, бил искасапен со мачети.

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.