300 илјади Aмериканци подготвени за „итни“ протести ако Трамп го отпушти специјалниот истражител Мулер

Активистичкиот веб-сајт „MoveOn“ вели дека се подготвени повеќе од 800 протести низ Соединетите Американски Држави доколку Доналд Трамп одлучи да го отпушти Роберт Мулер, специјалниот истражител кој води истрага околу наводната соработка помеѓу тимот на американскиот претседател и Русија.

Повеќе од 300.000 луѓе најавиле присуство на протестите кои би биле „итен одговор“ на таквиот чекор.

Активистите посочуваат дека веќе по неколку часа од таквата одлука би следувала акција, низ маршови и демонстрации во градовите и селата во секоја од 50-те американски сојузни држави. Масовните протести ќе бидат покренати и доколку Трамп одлучи да го смени заменикот јавен обвинител Род Розенстајн, што ќе го расчисти патот за отказ на Мулер, или пак доколку Трамп одлучи да помилува некој од клучните сведоци во истрагата околу руското влијание.

Откако последниве денови Трамп ги засили критиките кон специјалниот истражител, од „MoveOn“ велат дека граѓаните ја преплавиле нивната интернет-страница за да се потпишат на протестите.

„Забележуваме уште една експлозија на интерес за овие настани последниве неколку недели, што ја отсликува зголемената закана дека Трамп навистина може да ја затвори истрагата“, вели Дејвид Сиверс, директорот на кампањи во „MoveOn“.

За „вонредните“ протести, активистичката иницијатива има изработено детален план на својата интернет-страница. Доколку Трамп го отпушти Мулер пред 14 часот по локално време, активистите ќе почнат да протестираат во 17 часот истиот ден, а доколку претседателот го направи тој чекор подоцна, протестите започнуваат следниот ден на пладне.

Доналд Трамп се воздржуваше од директно споменување на името на Мулер до 17 март, но оттогаш постојано го напаѓа специјалниот истражител, додека портпаролката на Белата куќа, Сара Сендерс изјави дека Трамп добил совет дека може да го отпушти Мулер и дека тој верува дека има овластување да го направи тоа.