1076 свеќи гореа за спас на Охрид и крајбрежјето на концертот на Дуке Бојаџиев

Концертот на Дуке Бојаџиев, кој синоќа го одржа во рамки на Охридско лето, го посвети на Охридското езеро. Тој ја повика публиката од сцената „Долни Сарај” да запали свеќи како апел до надлежните да се спаси ова единствено место на планетата.

Запалените свеќи гореа додека Бојаџиев премиерно ја изведуваше композицијата „Охрид” со која го отвори концертот.

„Охридското езеро станува сė позагрозено. Ги повикувам сите структури во државата да направат сė што можат” – рече тој.

На спектакуларниот концерт заедно со Дуке Бојаџиев настапија и неговите долгогодишни соработници и чести гости на концертите, Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас и Костас Анастасиадис на тапани, како и актерката Наташа Петровиќ, вокал и нарација.

 

Минатата недела и Влатко Стефановски упати гласен апел за спас на Охрид и крајбрежјето за време на својот концерт во Античкиот театар во Охрид, а на отворањето на Охридско лето ваква порака упати и режисерот Александар Поповски.

Инаку, на Охрид и крајбрежјето им се заканува опасност од губење на статусот на заштитено културно и природно наследство на УНЕСКО.

Вчера Советот на Општина Охрид изгласаа мораториум на градба и Акциски план за препораките на УНЕСКО.