Режисерот Поповски го отвори Охридско лето со барање дивоградбите да се отстранат како диво месо

Пренесувајќи ја пораката од уметниците на отворањето на годинашното издание на престижниот Фестивал „Охридско Лето“, режисерот Александар Поповски, цитираше дела, на како што го нарече „македонскиот Хомер“, Горан Стефановски. Правејќи паралела со сегашните случувања, Поповски констатира дека тие никогаш не ја губат актуелноста. Користејќи токму одломки од една од најзначајните драми на неодамна починатиот Стефановски, режисерот Поповски недвосмислено побара Охрид, државата и сите граѓани да отворат фронт кој жестоко ќе се спротивстави на уништувањето, не само на културното и на природното наследство, пренесе 360 степени.

„Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а Вие слушајте диво градби. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти а раната да се изгори со жар“, рече Поповски.

На отворањето на Охридско лето, каде настапи виолинистката Венеса Меј, зборуваше и претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека „како што го започнавме нашето патешествие, да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати“. 

„Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни културни традициитукаво Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност и за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го сочуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да направиме простор и за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други, а заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор“, рече Поповски.