Здружени организации предложуваат мерки за спас од загадувањето

Во очекување на формирање нова Влада, здружени организации презентираат План за управување со загадувањето во Македонија, кој меѓу другото опфаќа и сеопфатна анализа на закони, регулативи и механизми за справување со горливиот национален проблем со амбиенталниот воздух.

За секторот сообраќај, здруженијата препорачуваат општините да изработат посебни сообраќајни планови при зголемено загадување и да ги достават на одобрување во МВР далеку пред почетокот на есента. Како дополнителен елемент е препорачан систем за обележување на моторните возила согласно нивото на загадување, односно испуштање емисии во воздухот, за што е потребно формирање интерминистерско работно тело.

За јавниот сообраќај би се вовеле стимулации за јавен превоз. Да се информираат  граѓаните за автобуски превоз во периоди на зголемено загадување, да се промени возниот парк со хибридни автобуси, но и да се зголеми бројот на автобуски линии и да се поврзат на населбите.

Истовремено, како мерка е посочена и потребата од друг јавен превоз – воведување  на тролејбус, трамвај или урбано шинско возило, каде тоа е возможно.

„Стимулација на колективно користење на такси превоз, колективно користење на индивидуални возила, организиран превоз во компании, стимулации за користење велосипед до работното место, набавка на службени хибридни возила за институциите, и сл.  Понатаму, проширување на мрежата на системот за изнајмување велосипед во Скопје и набавка на нови велосипеди. Да се подобри системот со цел да се намали штетата на велосипедите, а со тоа и да се зголеми степенот на користење на истиот. Дестимулација на автомобилскиот сообраќај со стеснување на делниците наместо нивно проширување со цел намалување на сообраќајот во централното градско подрачје, намалување на степенот на загадување и несреќите кои се јавуваат како резултат на зголемување на брзината на движење“, препорачуваат здруженијата.

За индустријата, повторно е потенцирана примена на принципот „загадувачот плаќа“.

Имено, согласно Законот за животна средина, загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надомест за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето.

Досегашните искуства покажуваат дека индустриските капацитети имаат огромен удел во аерозагадувањето доколку тие не се прилагодени со стандардите за заштита на животната средина и не се снабдени со сите потребни елементи за ограничување на истото (филтри, промена на технологии и сл).

Во Македонија, евидентирани се 117 големи индустриски инсталации кои треба да обезбедат А-еколошка дозвола. До 2013 година ресорното Министерството имаше издадено само 23 еколошки дозволи (од кои 15 А-дозволи за усогласување со оперативен план и 8 А-интегрирани еколошки дозволи), односно за период од 6 години беа издадени околу 19% од потребните дозволи.

„Во периодот од година и шест месеци Министерството издаде 92 дозволи, но никој не го потврди усогласување на работата на сите 117 инсталации со најдобрите достапни техники. Ова значи дека тие индустриски капацитети не можат да гарантираат дека нивните емисии во воздухот (и другите медиуми) се во рамките на дозволените вредности. Она што е особено загрижувачки е што за индустриските капацитети во државна сопственост и најголемите загадувачки инсталации РЕК Битола и РЕК Осломеј, сѐ уште не е издадена ваква дозвола и целиот процес на унапредување на технологијата сериозно заостанува“, велат организациите.

Оттука, организациите препорачуваат сите индустриски капацитети во државата да мораат да добијат А интегрирана дозвола и да работат според НДТ. Владата и Министерството за животна средина не треба да ги одложуваат роковите.

Околу домаќинствата, потенцирано е дека одреден број социјално загрозени семејства користат несоодветен или опасен отпад (пластика, синтетика, гуми, отпадно масло) за затоплување. Ова е голем и речиси нерешлив проблем поради сериозно нискиот стандард на живеачка.

„Овие семејства треба да имаат алтернатива за материјалите но и за методот на затоплување. Постојат повеќе мерки кои можат да се применат, како на пример донирање на огревен материјал, донирање на печки со висок степен на целосно согорување, едукација на принципот од врата до врата и сл. Дополнително, граѓаните може да се стимулираат да се вклучат (или вратат) на централно парно греење, да се субвенционираат при набавка на пелети и соларни фотоволтаици“, стои во документот.

Слично, и горењето на дрва во несоодветни печки предизвикува значително поголемо загадување. Ова значи – мерките треба да предвидат стимулации за набавка на печки со висок степен на согорување или замена на горивото и печките.

„Препорака – да се формира работна група од претставници на општини со ваков вид проблем, инспекторат и МЖСПП со цел изнаоѓање мерки за справување со овој проблем на терен. Граѓански организации кои работат со сиромашните семејства треба да  земат учество во планирањето и реализацијата на мерките“, велат организациите.

Во однос на дестимулацијата на горење дрва,  генерално постои сфаќањето дека поради недостиг од други опции, дрвото како огревен материјал е најчестиот и најефтиниот избор. Напротив, велат тие, тоа треба да биде последен избор. Овој проблем дополнително е влошен поради нелегална сеча и продажба на дрвниот материјал за уште помала цена.

Во однос на енергетската-ефикасност, организациите препорачуваат да се обезбедат финансии за поддршка на мерки за заштеда и ефикасно користење на енергијата како и користење на обновливи извори, официјално дефинирање на „енергетска сиромаштија“ во законот, но субвенционирање на трошоците за греење и давање помош за подобрување на енергетската ефикасност на домот на оние семејства кои влегуваат во категоријата на енергетски сиромашни корисници (не само на корисниците на социјална помош).

Понатаму, да се преадаптира постојното централно греење во објектите од јавен интерес (болници, училишта, градинки) од тврди горива на природен гас, да се симулира  заедниците на станари за реализација на проекти за енергетска ефикасност на зградите преку кредитни линии и техничка поддршка од општините. Исто така, да се овозможи ● гасификација заради искористување на природниот гас како транзиционо гориво, но и да се забрани увоз и продажба на волфрамови светилки, а намалат давачките за штедливи светилки.

Меѓу другото, организациите препорачуваат и регулација во поставувањето на калориметри во колективното централно греење, да се воведе енергетската контрола за сите објекти, а итно да се воспостави и Фонд за енергетска ефикасност. Тој примарно да биде достапен за граѓаните и објектите од јавен интерес (училишта, градинки, болници и други здравствени установи).

Како други хоризонтални мерки се наведени дополнувањето со нови и редовно одржување на постоечките мерни станици за квалитет на амбиентниот воздух.

„Разгледување на можноста за пренос на дел од надлежностите од Град Скопје на општините и другите институции, организации и експертски тела со што одредени мерки би се имплементирале од нивна страна во име на Градот. Вакви надлежности можат да подразбираат: информирање на население за индивидуалните мерки за заштита, давање податоци и информации за влијанијата на аерозагадувањето по човековото здравје, мобилизација на андлежните институции во кризни тела и сл. Да се ревидира Законот за зеленило, Законот за урбанистичко и просторно планирање и Законот за градежништво за да се овозможи мерка со која ќе се поттикнат, стимулираат и обврзат правните субјекти да постават соларни и зелени кровови на градежните објекти и зеленило на градежната парцела. Воедно, законите ќе мора да обезбедат дека тоа во пракса ќе може да се евидентира, документира и санкционира доколку не се спроведе“, стои во документот.

Инаку, на документот се потпишани Еко-свест, Аналитика, Центарот за климатски промени, ОРТ, Македонски зелен центар и Реактор.

План за управување со загадувањето во Македонија е дел од проектот „Заедно за чист воздух“, финансиран од Американската амбасада во Македонија.