Завршува 7. Скопска недела на дизајн

Со концерт на џез-бендот „Mihaly Borbely Balkan Jazz Projekt“ од Унгарија, вечерва ќе заврши седмата „Недела на дизајнот“ во Скопје, во која земја во фокус е токму Унгарија.

Во рамки на четиридневната програма на 7. Скопска недела на дизајн (Skopje Design Week), 20 дизајнери и наставници од регионов се обучуваат да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10 до 18 години.

Таа е прва програма за дизајнерско размислување за деца,  организирана од Британскиот совет во соработка со Швајцарската претприемачка програма Свис контакт.

Обуките ги изведува Ноам Сохачевски од Велика Британија, а самите програми за деца во Македонија и во останатите земји во регионот ќе почнат од јануари  2018.

Во Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“ вчера и денеска се одржуваат и две детски работилници, на кои под водство на балкански експерти деца од 7 до 14 години учат да развијат дизајнерски производ од идеја до реализација и да дизајнираат и да создадат прототип на мобилна апликација.