Заканата се дезинформациите, а не „лажните вести“, заклучува ескпертскиот извештај со препораки до ЕУ

Експертите и препорачаа на Европската Комисија да направи коалиција за борба против лажните вести и дезинформациите кои се шират на интернет, а онлајн платформите и социјалните мрежи да имаат поголема транспарентност и да се обврзат на „етички кодекс“, кој би требало да се изготви до јули.

Ова се дел од препораките на извештајот кој го подготви Високата експертска група ангажирана од Европската комисија кои даваат препораки за справување со дезинформациите кои се шират преку интернет.

Извештајот, кој вчера беше предаден на Еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, дава и дефиниции за феноменот, а се објави истовремено со резултатите на анкетата на Евробарометар која покажува дека 85% од граѓаните на ЕУ ги гледаат лажните вести како проблем во нивната држава, додека 83% гледаат на феноменот како генерален проблем на демократијата.

Од анкетата на Евробарометар за „лажните вести“ и дезинформациите

Коалицијата за борба против дезинформирањето треба да биде составена од луѓе од онлајн платформите, новинските организации, новинари и невладини организации, додека онлајн платформите треба да ја обезбедат транспарентноста преку објаснување како нивните алгоритми избираат кои вести се поважни од другите.

Извештајот наведува и дека е потребно да се замени терминот „лажни вести“ со „дезинформации“, посочувајќи дека намерно го избегнувале терминот „лажни вести“ бидејќи е несоодветен за да се долови комплексниот проблем на дезинформациите кои често вклучуваат измислени информации измешани со факти.

Мулти-димензионалниот пристап за справување со проблемот кој го препорачува Високата експертска група се заснова на пет главни столба:

  1. Подобрување на транспарентноста на онлајн вестите
  2. Промовирање на медиумска и информациска писменост за справување со дезинформациите и помош за корисниците за снаоѓање во дигиталното медиумско окружување.
  3. Развивање алатки за зајакнување на корисниците и новинарите за справување со дезинформациите.
  4. Зачувување на разновидноста и одржливоста на европскиот новински и медиумски екосистем.
  5. Промовирање на дополнителни истражувања за влијанијата на дезинформациите во Европа за да се процени ефикасноста на мерките кои ги преземаат различните вклучени страни.

Според испитувањето на јавното мислење на Евробарометар, во која биле анкетирани 26.000 граѓани од земјите членки на ЕУ, традиционалните медиуми, како радиото, телевизијата и печатените медиуми, сè уште се најдоверлив извор на вести, но помладите граѓани повеќе им веруваат на информациите кои ги добиваат на интернет.