Второ Вело матине пред платото на МКЦ

Септемвриско пладне е идеално за возење точак, па токму затоа, од неформалната иницијатива На Точак организираат второ матине до терасата на МКЦ, со дружба на отворено и велосипедски муабети

Поради претстојното 42-то издание на МОТ (Млад отворен театар) од 28 септември до 4 октомври, на настанот ќе бидат луѓе од велосипедскиот и театарскиот свет: Даме Димески, Срѓан Јаниќијевиќ, Урсула Хорнер и Васко Лисичов.

„Ќе слушнеме за искуството на Даме од најголемиот велосипедски самит во светот – Velo-City кој годинава се одржа во Холандија. Илјадници делегати од цел свет и стотици предавачи на теми: какво управување, инфраструктура и урбано планирање ни се потребни за унапредување на користење на точакот, како и за тоа кои се неговите предности и зошто точакот ќе го спаси светот. Исто така Даме ќе ни раскаже и за Прилеп НаТочак, локалните проблеми и нивната битка за поквалитетен град за живот.

Срѓан Јаниќијевиќ – велосипедски ентузијаст од редовите на прогресивната театарска режија. Но, ако го претставиме така го ограничуваме неговиот отворен дух и портфолио што впрочем е и одлика на многу други велосипедисти. Срѓан е исто така и драматург, актер, музичар, ди-џеј и многу често може да го видите на велосипед по скопските улици. Оваа година е присутен на МОТ со режија на театарската претстава „Силјан Штркот Шанца“ која ќе биде изведена на малата сцена во МНТ на 28.09.2017 со почеток во 18:00часот. Ќе ни раскаже за својот светоглед и љубовта кон велосипедите, театарот и урбаното живеење.

Од Виена, Австрија, ни доаѓа Урсула Хорнер. Секогаш позитивната и насмеана режисерка на опери и театарски претстави, голем љубител на велосипедскиот свет и градското движење на две тркала. Дружбите со неа се секогаш интересни, полни со енергија и прават да се почувствувате дека сте дел од еден модерен, футуристички свет. Ќе ни раскаже за своите велосипедски искуства и ќе се обидеме да ја дознаеме тајната за позитивноста во нејзиното професионално делување и пасијата кон магичниот свет на сцената.

За Васко Лисичов велат дека со своите светло дизајни им вдахнува живот на сценските перформанси. Долги години е задолжен за дизајнот и светлосните ефекти пред се на театарските претстави и операта а уште подолги години е вљубеник во велосипедите. Ќе го замолиме да ни раскаже за своите искуства, згоди и незгоди, како од километрите поминати на велосипед низ градскиот метеж така и од километрите поминати со будното око над сцената. Ќе ни раскаже од каде го црпи својот младешки дух и ентузијазмот кон учењето на нови технологии и алатки што го прават толку живописен неговиот професионален ангажман“, стои во поканата за настанот на На Точак.

Второто Вело матине воедно е најава за 65-тата Критична маса во Скопје која ќе се одржи 27-ми септември.