Во Хрватска се бара оставка на Министерот за образование поради плагијат

Хрватскиот Министер за образование и наука Паво Баришиќ е под притисок од јавноста да поднесе оставка, откако Одборот за етика во науката и високото образование на Република Хрватска на последната седница оценила дека тој плагирал научен труд.

Иако сомнежите и обвинувањата за плагијат првично се покренати пред шест години години, тие повторно се актуелизираа од медиумите по изборот на Баришиќ за Министер во новата хрватска Влада.

Се работи за научен текст со наслов „Does Globalization Threaten Democracy“, кој во 2008 година Баришиќ го објавил во научното списание на Хрватското друштво на филозофи Synthesis philosophica. Според одлуката на Одборот за етика и наука во високото образование, тој во текстот го плагирал американскиот филозоф Стивен Шлесингер, преземајќи делови од негов текст без да го наведе како извор.

Медиумите дополнително го критикуваат министерот поради тоа што во неколку наврати претходно тој негирал дека се служел со плагијати, повикувајќи се на пресуди од факултетските и универзитетските етички тела.

Во хрватскиот парламент повеќе пратеници побараа „итна и неотповиклива“ оставка или разрешување на министерот.

„Министерот Баришиќ, ако има барем малку образ, мора да поднесе оставка. Како може плагијатор веродостојно да бара од студентите да бидат етични?“, истакна пратеникот од опозициската Социјалдемократска партија, Бојан Главашевиќ.

Баришиќ ги одби барањата за негова оставка, со одговор дека нападите кон него не се темелат на ништо и се насочени кон наштетување на неговиот научен дигнитет.

„Немаше основа за дополнително ставање на дневниот ред на Одборот за етика и наука во високото образование пријава од 2011 година, која претходно била решена. Надлежните етички тела на Филозофскиот факултет во Сплит и Универзитетот во Загрев ја отфрлија наведената пријава уште пред шест години како неоснована“, стои во неговиот одговор.