Владата го усвои Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенцијa

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на својот Твитер профил соопшти дека на денешната 41. седница на Владата е усвоен Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенција.

Ова како што информираше таа значи воведување на меѓународни норми и стандарди во заштитата од секаков вид насилство.

Одлуката беше поздравена од многумина на социјалните мрежи, бидејќи ова беше една од најголемите барања на невладините организации кои работат со жртви на родово базирано и семејно насилство веќе шест години.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, од државата се очекува да воспостави правен и институционален систем кој ќе обезбеди превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство и прогон на сторителите. Сето ова ќе придонесе кон воспоставување на еднакви можности на жените и мажите и нулта толеранција кон било каков тип на родово базирано насилство.