Викиликс: Дајте ни ги даночните пријави на Трамп, ние ќе ги објавиме

Доналд Трамп нема да ги прикаже своите даночни пријави, соопштија неговите советници, иако новиот американски претседател неколку пати претходно вети дека ќе го направи тоа. Со ова, тој ќе ја прекине 40-годишната традиција на транспарентно прикажување на финансиската состојба на американските претседатели.

Ова прекршено ветување ги налути Викиликс, кои неколку месеци во кампањата објавуваше хакирани мејлови од Демократската партија, кои Трамп ги користеше за напади врз противкандидатот Хилари Клинтон.

Вчера групацијата твитна: „Кршењето на ветувањето на Трамп за објава на неговите даночни пријави е дури понеоправдано од криењето на транскриптите за Голдман Сакс на Клинтон“.

Организацијата потоа побара некој да им ги достави неговите даночни пријави за да ги објави.

Советничката на Трамп, Келијан Конвеј, за АБЦ изјави дека претседателската администрација нема да направи ништо во врска со повиците да се објават овие информации.

„Одговорот на Белата куќа е дека нема да се објават неговите даночни пријави. Ова цело време го повторувавме за време на изборите“, рече таа.

Коментирајќи ги анкетите кои велат дека повеќето Американци сакаат да ги видат неговите финансиски информации, Конвеј вели дека „на луѓето не им е гајле“.

„Гласаа за него и, да бидам многу јасна, повеќето Американци… се многу фокусирани за тоа како ќе изгледаат нивните даночни пријави додека претседателот Трамп е на функција, а не како изгледаат неговите“, одговори таа.

Минатонеделната анкета на Вашингтон Пост и АБЦ покажа дека 74% од жителите на САД, вклучувајќи и 53% од републиканците, сакаат да ги видат даночните пријави на Трамп. Во октомври, анкета на ЦНН, објави дека 73% од регистрираните гласачи, меѓу нив и 49% од републиканците сакад да ја видат таа информација.

На интернет страната на Белата куќа поставена е петиција која бара итна објава на пријавите и досега е потпишана од 255 илјади граѓани.

Даночните пријави можат да покажат опсегот на финансискиот интерес на Трамп низ светот, од тоа каде има отворено бизниси, преку тоа кои се неговите парнери до информација на кого му должи финансиски средства.